Балкан
3. јуни 2020 - 10:09

Курти свика седница на Владата еден час пред собраниската седница на која ќе се гласа за нова влада

Собранието на Косово денеска во 11 часот ќе одржи вонредна седница, на која треба да се гласа за предлогот на кандидатот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти за составот на новата влада и доколку ги добие потребните 61 глас ќе го заземе местото на вршителот на должноста премиер, Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.

Меѓутоа, како што објави службата за односи со јавноста на Владата во оставка, Курти за во 10 часот свика редовна седница на кабинетот, која треба да се одржи во владината зграда.

На 25 март, на иницијатива на ЛДК, Собранието ѝ изгласа недоверба на Владата на Курти, по што на 30 април претседателот на државата Хашим Тачи го додели мандатот на Хоти, како кандидат на второрангираната партија од последните парламентарни избори, одржани во октомври минатата година.

Партијата на Курти, Движење самоопределување (ВВ), на 1 мај го оспори пред Уставниот суд на Косово декретот на Тачи, со тврдење дека нова влада може да се формира единствено по нови избори, кои би се одржале по справувањето со пандемијата на Ковид-19

На 28 мај Уставниот суд пресуди дека одлуката на Тачи е уставна, со што му се овозможи на Хоти да ја формира новата влада.