Балкан
8. November 2019 - 13:12

Курц: Апсолутно погрешна одлуката за одбивање почеток на преговори со Скопје и Тирана

Лидерот на Народната партија на Австрија Себастијан Курц ја критикуваше „западната ароганција“ кон источна Европа, оценувајќи го тоа како опасен развој на настаните. Тој ја окарактеризира како „апсолутно погрешна одлуката“ за одбивање почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

Во интервју за германскиот „Франкфуртер Алгемајне цајтунг“, Курц предупреди на опасноста од продлабочување на јазот меѓу источна и западна Европа.

Делумно присутната западна ароганција придонесува за јакнење на негативните чувства на истокот на Европа, а последица на тоа е што населението од западна Европа на граѓаните од источниот дел гледаат од висина, појасни поранешниот австриски премиер.

Тој вели дека не ја цени политиката на „кренат прст и морална ароганција“, истовремено потенцирајќи дека ниту педа не треба да се отстапи од основните вредности, како што се владеење на право и демократија.

-Тоа е основата на ЕУ. Тоа што во мигрантската криза одделни држави се обидоа на други да им ја наметнат политиката на отворени граници, сигурно ги продлабочи несогласувањата во Европа, оцени Курц.

Тој, исто така, предупреди и на проблематичното укажување дека само во источна Европа постојат „антиевропски сфаќања“. Според него, тоа е присутно и на западот. – Меѓутоа, кога од источна Европа даваат предлог, тогаш тој автоматски се окарактеризира како нешто негативно за ЕУ, а од другата страна, секој предлог на некоја основачка членка се смета за храбро европско дејствување, критикува поранешниот канцелар.

Притоа тој го потенцираше постоењето на двоен аршин. – Неодамна се одлучуваше за проширување на ЕУ кон Западен Балкан. Северна Македонија и други држави навистина вложија големи напори во спроведувањето реформи и заслужија европска перспектива. Треба да сме внимателни, за да не ги изгубиме, па тие да се свртат кон Турција, Русија и Кина. Државите кои овојпат беа „против“, сигурно не беа „антиевропски оријентирани источно-Европејци, потенцираше Курц.

Тој, воедно изрази надеж дека одлуката за неотворање преговори со Северна Македонија и Албанија ќе се смени што е можно поскоро.