Македонија
14. March 2017 - 20:21

Кумановци и вечерва протестираа за „За заедничка Македонија“

Кумановци и вечерва се приклучија на маршот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ кој започна од пред општина Куманово и уште еднаш порачаа дека нема да дозволат двојазичност, промена на Уставот и суштината на државата и менување на унитарниот карактер на државата.

Поминувајќи низ централните градски улици во Куманово, учесниците во маршот, уште еднаш кажаа дека целосно треба да се отфрли „тиранската платформа“ која води кон разнебитување на државата.

Маршот заврши пред платото на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ на кој се обрати Горан Зафировиќ, кој првин ги поздрави присутните на српски јазик, а потоа на македонски упати пораки дека Србите од Куманово остро се спротиставуваат на идејата за федерализација, поделба и рушење на унитарноста на државата.

- Денес сме овде да кажеме не и отворено да се спротивставиме на двојазичноста на територијата на нашата заедничка Република Македонија, а посебно го креваме гласот против каква било резолуција со која нас Србите би не прогласиле за геноциден нарот. Не можат да бидат геноциден народ, народите кои со векови се бореле за слобода, народи кои најхрабрите синови ги положија животите на браникот на татковината и во сите големи војни секогаш биле на победничката страна, рече Зафировиќ.

Додаде дека национални малцинства има многу во Македонија, но дека сите треба да ги почитуваат и прифатат името, знамето, химната и грбот на Македонија, бидејќи, како што истакна, тоа се столбови на државата. Нагласи дека никакви платформи од странство не смеат да го нарушат суверенитетот и територијалниот интегритет и изрази убедување дека народот цврсто ќе застане на браникот на државата и дека мора да се најде излез за решение на кризата.

Пред присутните се обрати и Раце Трајковски, кој рече дека „тиранската платформа“ директно ги турка децата во војна и оти тоа не смее да се дозволи. Повика да се остават на мира да учат, тренираат и да се развиваат, да ја градат државата во заедничко општество во кое сите ќе бидат среќни и ќе се радуваат на иднината, а не како што рече да војуваат за цели, кои ни самите не ги знаат.