Македонија
20. January 2022 - 15:35

Кумановци 20 дена без превоз

Кумановци сѐ уште се без превоз, бидејќи е донесена нова одлука и наместо на група превознци како порано, сега линиите се доделуваат поединечно, соопштија денеска надлежните од општината пред советниците и јавноста на Куманово. Раководителката на секторот за комунални дејности Лидија Ланг Спасовска, денеска на четвртата седница на советот информираше дека се чека да заврши жалбената постапка за шест дена и ќе може да почне да функционира превозот за 19 од вкупно 26 линии.

За останатите, за кои превозниците поради неатрактивност немале интерес, општината ќе почне нова постапка.
– По завршување на локалните избори од страна на Советот на првата седница беше однесена одлука за уредување на општински линиски превоз на патници на подрачје на Куманово и истата се применува веднаш по донесување во службен гласник. Неопходноста за донесување на ваква одлука се наметна од потреба за менување на концептот за доделување на линии. Во претходната одлука линиите се доделуваа на група превозници, а согласно новата одлука се поделува поединечно со аплицирање на секоја линија за што   се сметаше дека ќе се подобри услугата, рече Ланг Спасовска.

Таа потсети дека на 14 декември лани, градоначалникот формирал Комисија за спроведување на постапка и наредниот ден бил објавен оглас кој траел до 29 декември. На огласот за 26-те линии имало пријави за 21 линија.

– Деветнаесет ги исполнија условите и беа прифатени и истите по завршување на рокот за поднесување жалби на 26 јануари, ако нема жалбена постапка, ќе може да почнат да го одвиваат јавниот градски превоз. Комисијата при водење на постапка и одлучување се водеше од фактите од одлуката,  со цел граѓаните да добијат посовремен, поеколошки и пофрекфентен јавен превоз. Така што граѓаните од сега ќе се возат со еколошки возила со минимум еко четири стандард автобуси со утврден возен ред кој ќе биде јавно објавен на стојалиштата, појасни Ланг Спасовска.

За пет линии никој не аплицирал, бидејќи нема доволен број патници, за две, подносителите немале целосна комплетна документација. Раководителката најави дека за осум дена ќе има нов оглас за овие линии и ако никој не се јави, повторно ќе се распишат јавни огласи.

Кумановци веќе 20 дена се без превоз и постојано реагираат дека веќе немаат средства за плаќање за такси превоз. Регаираат и сопственици на микро, мали и средни претпријатија кои поради недостиг на превоз мораат самите да го организираат превозот за работниците.