Бизнис
15. December 2018 - 16:26

КСС со мирен протест во Прилеп побара повисоки плати во јавниот сектор, к-15 и усогласена минимална плата

Конфередерацијата на слободни синдикати денеска одржа мирен протест во Прилеп повторувајќи ги нивните барања зголемување на платите во јавниот сектор, усогласеност со минималната плата и исплата на К-15. КСС побара и работа без притисок и мобинг, почитување на законите и колективните договори. Најмногу се противат на најавениот трансфер на вработени од јавниот во приватниот сектор и масовните партиски вработувања.

„ Знаеме дека веќе во јавната администрација почнаа веќе да се прават трансфер листи. Ние како синдикати не сме информирани за правењето на тие трансфер листи, тоа се прави задкулисно. Жестоко ќе се спротивставиме на тоа, затоа што треба прво да се донесат одредени законски решенија. Треба да сопре вработувањето во јавната администрација  на партиски кадри“, рече Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Од СОНК обвинија дека деновиве се вршел страшен притисок врз вработените во училиштата во Прилеп да не излезат на најавениот протест со закажување на разни задолжителни активности за наставниците токму денеска. За 1 година во Прилеп на улица останале 1.000 наставници.

„Инаку Прилеп е еден од градовите, една од општините која најжестоко удри врз воспитно образовниот процес, односно врз вработените во воспитно образовниот процес. Знаеме дека над 1.000 наставници кои исполнуваа услови за трансформација, не им беше продолжен договорот за работа. Знаеме дека над 1.000 семејства останаа практично без егзистенција за преживување“, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

„Не може еден доктор да зема 2.500 евра плата, десет пати да е повреден од мене, кој што сум го створил јас тој доктор и тој судија и тој обвинител“, истакна Костадин Шекероски, наставник.

Протестираа и вработените во културата кои побараа колективни договори.

„Културата 20 години нема потпишано колективен договор. Нашата институција, бивша, народниот театар Војдан Чернодрински 14 години не постои како институција. Ова се аргументите за кои излегуваме и протестираме и ќе протестираме до добивање и до враќање на институцијата театар во Прилеп“, потенциираше Игор Трпчески, актер.

Од КСС најавија дека Прилеп е првиот град каде започнуваат протестите, а истиите ќе продолжеле или стопиирале во зависност од тоа дали Владата ќе имала слух за нивните барања.