Македонија
19. March 2021 - 13:53

КСС бара минималната плата да биде над 16.000 денари

Минималната плата да биде над 16.000 денари, а при нејзиното утврдување да се изземе БДП, бара Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).

КСС денеска на прес-конференција соопшти дека ваквото барање е одбиено од страна на вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката Јагода Шахпаска, а членовите на Конфедерацијата кои го образложиле, биле исклучени од вчерашната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС).

Конфедерацијата го квалификува ваквиот однос како дрзок и арогантен. Воедно се пожали и дека е под постојан притисок на оваа власт. Притоа упати јавно барање за средба со надлежните и најави дека ако тоа не се случи, ќе го радикализира делувањето преку организирање протести, па и генерални штрајкови.

– Вчера имаше Еконоско-социјален совет на кој учествуваме и ние. Се разговараше за висината на покачувањата, односно за усогласувањето на минималната плата. Согласно Законот, секоја година во март минималната плата се усогласува по три параметри: трошоците за живот, порастот на минималната плата и БДП. Како синдикати, побаравме од функционерите присутни на ЕСС, годинава да не се земе предвид третиот параметар – БДП зашто знаеме во каква состојба беше државата лани и дека тој е во минус. Побаравме да биде искажана солидарност кон работниците и минималната плата да достигне некое ниво во рамки на кое работниците ќе имаат пари барем за основни средства. Од страна на вицепремиерот Битиќи и министерката Шахпаска бевме одбиени во ова наше барање. Ни беше укажано дека ќе работат само согласно Законот за минимална плата и дека мора да се земат предвид сите три параметри во усогласувањето, истакна претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Членовите од КСС се повикале на членот 8 од Законот кој, како што рече Ралповски, четири години не се почитува и се игнорира.

-Во членот 8 од Законот што го циитравме пред премиерот, прашавме дали ќе го почитуваат како и членот 4 во делот на усогласувањата на Законот за минимална плата. Членот 8 во изминатите четири години не беше почитуван од страна на власта, беше игнориран. Четири години КСС бара овој член да се почитува. Ги прашавме јавно и Битиќи и Шахпаска, а тие на дрзок начин не исклучија од седницата, ни го одземаа зборот и не дадоа да разговараме врз основа на Законот за минимална плата. Затоа КСС се држи надвор од ЕСС, затоа се бараат подобни социјални партнери кои ова ќе го проголтаат. Но, ние нема да го проголтаме. Баравме БДП како параметар да не се вреднува, да биде нула за да имаме поголемо покачување на минималната плата. Затоа се одложи оваа седница. Седница ќе има следната недела, истакна Ралповски.

Тој укажа дека ниту еден работник согласно Законот за работни односи не треба да прима минимална плата.

-Има ситуација кога треба да се исплаќа минат труд, работа во смена или за празници. Зошто молчат институциите? КСС ги повикува сите работници кои примиле минимална плата или помалку, да се обратат до Конфедерацијата и заедно, со нејзина помош, да постапат пред институциите за да си ги остварат правата. Сакам да нагласам дека нашата коректност не е наша слабост. Бевме коректни зашто знаевме во каква ситуација е државата. Но, ако не оствариме средба со надлежните и ако продолжат на ваков начин да не исклучуваат и отстрануваат од состаноци кога бараме да ги почитиваат законите, тогаш набрзо ние ќе отидеме на гости. Ќе го радикализираме нашето делување и ќе почнеме со протести, а можеби и со генерални штрајкови, рече Ралповски и дополни дека КСС повторно ќе го актуелизира барањето за солидарен фонд кој треба да биде „помош за работниците, а не за тендери во четири очи“.

Според него, со намалувањето на казните за неисплаќање минимална плата од 6.000 – 7.000 евра на 100, 200, 300 до 500 евра, на работодавците кои примаат државна помош сега им е полесно да ги платат глобите отколку минималната плата.

КСС одржа прес-конференција и пред една недела, на 12 март, кога јавно се пожали дека дел од нејзиното раководство е под постојан притисок и прогон на одредени функционери.