Македонија
13. August 2015 - 13:10

Кривични пријави за татко и син од Штип за одгледување канабис

СВР  Куманово поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово  против С.Ѓ.(59) и неговиот син Т.Ѓ (37) од Штип осомничени за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Како што соопшти МВР, по претходно добиено оперативно сознание дека Т.Ѓ (37) одгледува насади од канабис сатива во кратовското село Татомир, полицијата од Кратово извесен период  преземала мерки и вчера рано наутро на самото место го лишила од слобода неговиот татко С.Ѓ, кој дошол за да ги полие насадите, и С.С (48) - таксист од Штип кого С.Ѓ го ангажирал трипати во неделата да го вози од Штип до селото Татомир. 

Увидната екипа на СВР Куманово на местото нашла и запленети вкупно 71 насад канабис сатива во големина од 1 метар до 2,3 метри  кои се  откорнати и  со потврда се одземени заедно со пластични канти, гумени црева, шишиња со течност за прехрана на растенијата и шприцеви.

- По наредби на Основен суд Штип е извршен претрес во домовите и помошните простории на С.Ѓ и Т.Ѓ, при што од домот на Т.Ѓ со потврда се одземени: најлонска ќеса со непозната растителна зелена материја, семе од непозната растителна материја, луле со дробалка, четири пакувања со ризли, дигитална вага, дурбин, ловечки патрон, два куршума 7,62 мм и куршум за гасен пиштол. Во останатите простории се пронајдени и одземени: три засадени стебла со должина од 145 см, 185 см и 190 см, девет грама растителна материја, 15 стари метални монети, а во лозјето, сопственост на пријавените, се пронајдени и одземени две засадени стебла канабис во должина од 90 см и 100 см, информира МВР.

На С.Ѓ по спроведена постапка од судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, а Т.Ѓ не е приведен зашто извесен период престојува во Германија или во Белгија.