Македонија
12. May 2017 - 14:29

Кривични пријави против седум лица за инцидентите во Собранието

СВР Скопје поднесе кривични пријави  против седум лица во врска со инцидентите што се случија на 27 април годинава во Собранието на Република Македонија

- Кривични пријави се поднесени против Д.Т. (42), Н.П. (39), Б.Г. (43), сите од Скопје и против Г.А. (43) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ по чл. 384 од Кривичниот законик на Република Македонија, а против А.П. (39), И.К. (37) и Н.В. (39), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по чл. 385 од Кривичниот законик на Република Македонија, соопшти МВР.

Пријавените, како што се наведува во соопштението, на 27 април околу 19:00 часот во Собранието на Република Македонија откако насилно ги пробиле кордоните од полициски службеници, влегле во сала бр:3 каде се одржувала прес-конференција и ги нападнале пратениците З.З. (42) од Струмица и З.С. (44) од Струга, како и лицето А.Т. (лично обезбедување на З.З.). Притоа, пријавените Д.Т., Г.А., Н.П. и Б.Г. насилно ги пробиле кордоните од полициски службеници поставени пред Собранието. Потоа Г.А. ги повикал останатите присутни да влезат, а Н.П. влегол во сала бр:3, се заканувал и физички го нападнал А.Т. (лично обезбедување на З.З.).

- Пријавените А.П., И.К. и Н.В. во прес салата бр:3 го извршиле кривичното дело на начин што А.П. фрлил статив за камера кон присутните пратеници, И.К. физички го нападнал А.Т. и го повредил во пределот на главата фрлајќи кон него со канцелариски стол со метални ногарки, а Н.В. со нога го удирал пратеникот З.С., додека лежел на подот, се наведува во соопштението од МВР.

Во врска со настаните, повикани биле и А.Ш. (22) од Скопје и В.М. (29) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по чл.385 од Кривичниот законик на Република Македонија. По извршените разговори, тие биле ослободени.

Секторот за внатрешни работи Скопје во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности со цел идентификување и документирање и на други лица учесници во настаните што се случија на 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.