Кривична пријава за Блерим Беџети за градба во Сарај, тој вели се врши политички прогон врз него
Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети поднесе Управата за финансиска полиција. Покрај него, кривична пријава има и за уште седум други лица, дел негови соработници во општината, но и вработени во градот Скопје во секторот за планирање и уредување како и инженер.
Според Финансиската полиција иако немало детален урбанистички план за една парцела во Сарај, тие сепак одобриле план и дозвола за градба,направиле неточнни пресметки за комуналии како и лажен технички извештај.
-Постојат основи на сомнение дека пријавените лица, вработени во Општина Сарај, иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, со пречекорување насвоите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за надоместок за уредување на градежноземјиште, спротивно на законските прописи, а надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина.
Со лажното одобрување на градба во општината, тие и овозможиле на фирмата Азра Идриз од Глумово незаконски да се стекне со околу 1,7 милиони евра.
Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.
Екс градоначалникот на Сарај, Беџети за Сител вели дека врз него се врши политички прогон и дека низ постапката ќе се докаже дека овие наводи се невистинити.
Без разлика дали станува збор за сегашен и поранешен фукнционер, правдата за секој што сторил кривично дело мора да биде задоволена, вели премиерот Мицкоски.
Од Обвинителството велат дека пријавата е примена кај нив и веќе се преземаат дејствија на проверки.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
