Македонија
10. October 2020 - 16:44

Ковид пандемијата им го смени животот на лицата со интелектуална попреченост

Оливера Петровска од Битола е самохрана мајка на 24-годишно лице со интелектуална попреченост. Нејзината ќерка многу стресно ја доживува ковид пандемијата, а стравот кој постои кај неа ја принуди да остане дома и да не излегува.

-Не сака да излегува, маска не сака да носи. Нешто и е врежано во главата, вели не можам да дишам. Многу е тежок животот со децата, затворени се дома. За родителите уште потешко, вели Оливера Петровска, родител на лице со интелектуална попреченост.

Пред пандемијата, нејзината ќерка го посетуваше социјалниот клуб на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола, кој како што вели Оливера, и бил како втор дом. Клубот планира да ги отвори вратите за своите штитеници од наредната недела, откако добиле зелено светло со строго почитување на мерките за заштита од Ковид 19. Во меѓувреме, додека не работеа, тие постојано комуницираа со своите штитеници. Но, велат дека почетокот ќе биде многу тежок.

-Кај сите видовме уште поголема осаменост од она што го имаа претходно. Се обидовме да контактираме, советуваме, но многу тешко го поднесоа. Се подготвуваме сега за да почнеме со работа, но мое мислење и на родителите, се досега што работевме падна во вода, самиот почеток ќе биде се одново, вели Јулијана Трајчевска, претседател на „Порака“.

Додолку почне повторно да доаѓа во клубот, Оливера смета дека ќе се подобри состојбата кај нејзината ќерка, но не е сигурна како ќе го решат проблемот што носењето маска и претставува стрес. Но како што велат од „Порака“, со многу работа, упорност и позитивна мисла сметаат дека кај овие лица повторно ќе се врати расположението кое го имаа додека се дружеа пред повеќе од 6 месеци.