Македонија
16. March 2022 - 11:49

Ковачевски: Планирам помалку советници од сите премиери досега

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе го намали бројот на негови советници и дека ќе има најмалку од сите претходни премиери.

Одговарајќи на новинарски прашања, претседателот на Владата рече дека со реорганизација на неговиот Кабинет, дел од советниците повеќе нема да ја имаат таа задача, а дел од нив ќе работат на линиски работи во организациски единици за кои се специјализирани според нивните квалификации.

Посочи дека веќе  се планирани тие што ќе бидат советници, не може да ги објави нивните имиња зашто тоа се уште не е официјално, но тие се, како што рече, висококвалификувани и признати професионалци во своите области.

-Бројот на советници којшто јас планирам да го имам е помал од бројот на советници што ги имале досегашните премиери. Тие советници ќе извршуваат работи во нивната професионална област, сите имаат дваесет и повеќе години професионално искуство, академско и професионално, рече Ковачевски за медиумите при посетата на  „ОХИС“.