Македонија
26. November 2022 - 16:32

Ковачевски најавува избори во 2024 година, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека се плаши од соочување

Предвремени избори на пролет не се опција. Премиерот Ковачевски одговори на барањето на опозицијата која предвременото соочување со граѓаните го гледа како единствен излез од кризите во кои се наоѓа државата.

Ковачевски е дециден дека изборите ќе се одржат во редовниот термин во 2024-та година и дека тоа ќе биде процес во кој ВМРО-ДПМНЕ ќе загуби со огромна разлика.

Преговорите  за зголемување на владиното мнозинство се се уште во тек. Ковачевски вели дека во оваа фаза со Таравари разговараат за поддршка на европската иднина на државата, а не за распределба на ресори. Нема одговор дали СДСМ е подготвена да отстапи свои министерски места за влез на Алијанса, откако партијата на Гаши јасно стави до знаење дека нема намера да прави вакви отстапки.

Најпрво вчера излегоа информации дека сме имале состанок со претседателот на Алтернатива, Гаши.  Имавме состанок, јас и Гаши имаме редовни состаноци како коалиционен партнер, вообичаено тие се на две или на четири недели зависно од обврските. Разговаравме за спроведување на програмата на Владата како и за некои елементи од соработката што ја имаме со Аалтернатива, а кои се утше не се реализирани. Во однос на проширувањето на Владатата, јас разговарав и со Таравари, таму разговаравме исклучиво за европскиот пат на државата и сите одлуки кои треба да се носат со широк политички консензус во Собранието, пред се тука мислам на продлжувањето на европскиот пат на државата и законите од областа на владеење на правото, борбата против корупцијата и справувањето со економската криза, вели Ковачевски

Ако Ковачевски е убеден во победа, нека ги распише изборите повикуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сосема е јасно дека Ковачевски и СДС се плашат од избори затоа што знаат дека ќе изгубат. И Ковачевски и СДС ги знаат анализите и анкетите на коишто губат повеќе од двојно и затоа се плашат од избори. Знаејќи дека тоа ќе се преточи во изборни резултати бегаат од избори.

Ковачевски и СДС ќе губат и ќе заминат во историјата затоа што народот ќе ги казни за  криминалот, корупцијата, уништувањето на државата, националните понижувања, уништувањето на стопанството, растот на инфлацијата, растот на сиромаштијата и мизеријата, се вели со соопштението на опозициската партија.

Покрај барањето за избори, највисокото партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ пред два дена го потврди ставот дека во вакви околности, нивните пратеници нема да дадат поддршка за измени на Уставот за внесување на Бугарите.