Македонија
9. April 2022 - 8:30

Ковачевски и Османи на Економскиот форум Делфи

Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска го продолжува учеството на Економскиот форум Делфи во Грција.

На денешниот последниот ден од Форумот, предвидено е учество на премиерот Ковачевски во рамки на панелот „Светски односи“ во дебата со која ќе претседава новинарот на грчкиот весник „Та Неа“, Михалис Мицос. Во рамки на истиот панел посебни обраќања ќе имаат и премиерите на Црна Гора и на Бугарија, Здравко Кривокапиќ и Кирил Петков.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, ќе учествува на панелот „Европа по Украина“ заедно со неговите колеги од Грција, Никос Дендиас, од Словачка, Иван Корчок и од Косово, Доника Гервала-Шварц.

Премиерот Ковачевски вчера во рамки на учеството на Економскиот форум Делфи имаше билатерални средби со американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западниот Балкан, Габриел Ескобар, со косовскиот колега Албин Курти, со поранешните премиери на Грција и Велика Британија, Алексис Ципрас и Тони Блер, како и со специјалниот претставник на ЕУ за Западниот Балкан, Мирослав Лајчак. Средба со Лајчак имаше и министерката за одбрана Славјанка Петровска, кој беше дел од владината делегација на Економскиот форум Делфи.

Како дел од владината делегација на Форумот во Делфи учествуваа и вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, кој се обрати на панел дискусијата посветена на стабилноста на Западниот Балкан, министерот за економија Крешник Бектеши, кој учествуваше на панелот „Како кризата во Украина влијае на економиите во регионот“, како и министерот за финансии Фатмир Бесими.