Бизнис
25. August 2020 - 21:18

Костовски бара прекин на стечајот, НБРМ одговара - имавте доволно време

Сопственикот на Еуростандард, Трифун Костовски, бара Народната банка да ја повлече одлуката за стечај. Преку јавен повик бара поддршка од сите политички партии, владини, невладини и верски институции за да се врати Еуростандард во првобитната положба. Свесен дека ваквото повлекување е спротивно на законот за банки, Костовски вели – не може законот да биде над интересите на граѓаните. Од Народната банка му возвратија – со  донесување на Решението за укинување на дозволата за работа на банката, престануваат и надлежностите на Народната банка. Костовски тврди – имаме сериозен инвеститор кој е спремен да вложи средства и да ја спаси  Еуростандард – Централната банка пак потенцира –имавте доволно време да го обезбедите неопходниот капитал од сопствени извори или од  потенцијален инвеститор. За екс гувернерот Гошев барањето на Костовски е емоционално, а не рационално. Народната банка немала алтернатива, избор имале акционерите кои не обезбедиле капитал.

–Народната банка ја донела одлуката. Таа за Народната банка според целото законодавство е дефинитивна. После таа одлука НБ нема никаква надлежност. Секој кој има барања, идеи, тужби, не може да има работа со Народната банка. Може да има работа со стечајниот управник или со надлежните судови. Да повикуваш некој на враќање на првобитната состојба, преку тврдења, преку повикување ненадлежни институции, да се вмешаат во работата, преку тврдења дека законот не е над интересите на граѓаните, навистина е крајно депласирано, да не употребам некој друг несоодветен збор, вели Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка.

-Со одземањето на дозволата на Еуростандард, банката не е веќе банка туку стечаен ентитет, додава Гошев. Сега веќе не е можно ништо да се направи. Народната банка докажува дека се води исклучиво од законите, штитејќи го интересот на сите граѓани, на сите штедачи, а не само интересот на мала група акционери, или мала група штедачи, кои, како што вели Гошев, со таквиот начин на работа сакале само да профитираат. Само вака ќе се обезбеди стабилен економски и банкарски систем.