Костадиновски: Одлуката за подготвителна седница не е слабост, Судот ќе одлучува за иницијативите за Законот за јазиците најдоцна во мај
Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Дарко Костадиновски, истакна дека одлуката за одржување подготвителна седница за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците не треба да се толкува како слабост. Тој информираше дека на работен состанок на 23 декември ќе се дефинираат спорните прашања, а по завршувањето на подготвителната седница, најдоцна до мај, Судот ќе одлучува по предметот.
-Во оној момент кога ќе го добијам пријателскиот совет од Венецијанската комисија веднаш ќе биде свикана подготвителната седница. Уште сега на крајот од оваа седница побарав од судијата известител најдоцна до 23 декември да ги подготви спорните правни прашања за подготвителната, да подготви предлог листа на учесници, бидејќи одлуката ја носи Судот на посебен работен состанок, и во оној момент кога ќе го добиеме амикусот моја проценка е дека ќе биде тоа почетокот на март, ќе биде одржана подготвителната седница, рече тој, дополнувајќи дека по завршувањето на подготвителната седница, не повеќе од месец дена, ќе им бидат потребни за разработка на рефератот врз основа на резултатите од подготвителната седница, што значи, како што рече, најдоцна во мај Судот ќе одлучува по предметот.
На денешната прес-конференција по одржаната 32. Седница, Костадиновски нагласи дека судот е изложен на политички притисоци и манипулации, но дека ќе продолжи со постапувањето по предметот, барајќи мислења од странски експерти за да обезбеди независност и непристрасност. Тој ги отфрли обвинувањата за политичко влијание и етничко надгласување, истакнувајќи дека Уставниот суд е чувар на Уставот и правдата.
- Кажав и ќе повторам, да не му падне на памет да ја толкува како наша слабост. Не. Ние почнавме со постапувањето по предметот. Ова е дел од постапката. И добар е предлогот за подготвителна затоа што ако нешто имам јас лично, сега јас зборам лични ставови, колку што можам да ги разобличам сите лаги на политичарите да им ги одземам сите аргументи. Подготвителната седница секогаш е еден од инструментите што ги имаме на располагање да ги викнеме најеминентните стручњаци по уставно право, по јазично, по меѓународни стандарди – дајте да ги судриме аргументите за да видат и пак ќе кажам граѓаните не политичарите зошто што и да правам они нема да видат, не сакаат да видат, не им е во интерес да видат. Сакам граѓаните да си бидат спокојни и да не дозволуваат да бидат манипулирани, рече тој.
Претседателот на Уставен нагласи дека нема да дозволи Судот да биде уценуван или под притисоци од било кого.
- Секој што мисли дека владеењето на правото ќе биде попречено со политичко влијание и манипулации, нека не се труди. Уставниот суд има јасни надлежности и е чувар на Уставот, изјави Костадиновски.
Дополни дека одлуката да се одржи подготвителна седница треба да се толкува како врвен чин на одговорност и почит кон граѓаните, за да не бидат манипулирани од политичарите и посчи дека судот ќе побара мислења од странски експерти пред да донесе конечна одлука, со цел да се обезбеди независност и непристрасност во процесот.
Во однос на ставовите што беа истакнати во јавноста, тој посочи дека судот има должност да постапува по секој предмет за кој е доставена иницијатива, без оглед на политичките притисоци.
-Стигнаа многу прашања, на дел ќе одговорам. Првата лага и манипулација со чувствата на граѓаните е дека Уставниот суд извршува политички програми, дека сме биле параполитичка организација, дека некој што не избрал во некој состав имал и право или можност да влијае врз нас, дека сме посакувале дестабилизација. Тоа се тешки лаги. Ова е апсурд, класична манипулација, рече Костадиновски.
Костадиновски нагласи дека политичарите често ги преминуваат црвените линии на пристојноста и дека не секоја тема е подобна за политичка борба. Тој исто така ги отфрли обвинувањата за етничко надгласување и нагласи дека правдата е слепа и сите се еднакви пред Уставот и Законот.
Во однос на прашањето како можат граѓаните да веруваат дека ќе работат во нивен интерес кога довербата во судството е ниска, тој одговори дека ќе веруваат со силата на нивните аргументи.
- Со силата на нашите аргументи ќе ни веруваат. Значи, силата на нашите аргументи е во нашите одлуки. Ако внимателно ги читаат сите нашите одлуки, кај нас луѓето уште не ја прочитале одлуката они веќе даваат квалификации. Никој не ги чита одлуките. Силата на нашите аргументи е начинот на кој ние ќе ги увериме граѓаните дека нашите одлуки се без какви било премиси. Не можам да коментирам кој, како бил избран. Значи, Собранието ги бира судиите на Уставниот суд. Од оној момент без разлика што биле, како биле кога ќе положат заклетва а ние даваме свечена изјава во Собранието дека ќе чуваме што – националната припадност, етничката припадност, верската, правната, политичката? – Не, дека ќе го чуваме Уставот, посочи тој.
Додека, за моментот кога овој предмет е ставен на седница, одговори дека никогаш не постојат идеални услови.
-Првата моја прес-конференција, два дена по мојот избор јас дојдов овде и кажав сите предмети ќе бидат изнесени на разгледување, сите. Е сега ме прашувате зашто баш сега. Што мислите вие кога е соодветен термин, еве ако не овој – кој? Јас не одговорам, јас го ставив на дневен ред. Моја надлежност е јас го ставив на дневен ред. Прашањето ми е а кога сме имале период да имаме идеални услови и кои се тие идеални услови. Дали мислите дека ако го одложиме ова за две години дека за две години или за три, четири или пет нема да ја има истата сензитивност? Истата ќе биде, рече тој.
Уставниот суд на Северна Македонија денеска одлучи да одржи подготвителна седница за расправата по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.
Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија.
По однос на иницијативите, Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот во целост или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Парламентот.
Ново на Сител
-
Паднаа Фејсбук, Инстаграм,Месингер
-
Средба на министерот Тошковски со Симон Ридли, државен секретар за внатрешни работи на Обединетото Кралство
-
32-годишен скопјанец ги нападнал неговата мајка и баба
-
Тројца малолетници нападнале 60 годишник на автобуска во Гази Баба
-
ЕУ со нови санкции за Русија
-
Бунтовниците го укинаа полицискиот час во Дамаск
-
Царинска управа: Запленети накит, девизи, цигари, облека и автоделови
-
Костадиновски: Одлуката за подготвителна седница не е слабост, Судот ќе одлучува за иницијативите за Законот за јазиците најдоцна во мај