Балкан
7. May 2017 - 21:36

Косовската опозиција најавува протести за законот за демаркација

Косовските опозициски партии најавија остар отпор за владината намера утре на Собранието да му го предаде законот за демаркација со  Црна Гора, јави Танјуг.

Двете најголеми опозициски партии, движењето „Самоопределување“ и Алијанса за иднината на Косово, најавија дека на следната седница на собранието, како и во претходните случаи, ќе пружат силен отпор за процесуирање на предлог законот за демаркација, не најавувајќи ги методите и начините за спротивставување.

Пратеникот на движењето „Самоопределување“, Реџеп Сељими, изјави дека нема да ги открива формите на отпор, чекајќи прво Владата да го открие својот план и заради тоа што власта може со мерките за заштита да го сузбие отпорот на опозицијата.

Шефот на парламентарната група на Алијанса за иднината на Косово, Паљ Љекај изјави дека премиерот Иса Мустафа сака преку демаркацијата да го продолжи мандатот на сегашната влада.

-Мустафа, исто така, сака да ја дестабилизира земјата, да го спаси своето место. Затоа на Иса Мустафа му кажуваме да не си игра со граѓаните, бидејќи не е трагедија ако Мустафа и оваа влада бидат разрешени од должноста со гласање на пратениците, кога во три години не видовме никаков резултат и зајакнување на Косово на економски развој, како што ветија, рече Љекај.

По разгледувањето на владиниот предлог за демаркација, во среда во Парламентот пратениците на вонредна седница ќе расправаат по само една точка на дневниот ред - разрешување на владата на Иса Мустафа.

Доколку владата биде соборена, најверојатно следи распишување на вонредни парламентарни избори на Косово.