Балкан
19. September 2016 - 8:49

Косовската опозиција бара предвремени парламентарни избори

Обединетата косовска опозиција,Алијансата за иднината на Косово, Иницијатвата за Косово и Движењето„Самоопределување“ категорични се дека земјата мора да оди на предвремени парламентарни избори.

- Не само прашањето за демаркацијата на границата со Црна Гора,опозициските партии во земјата се обединети и околу една кауза. Нивните барања нема да престанат се до уривање на Владата и спроведувањето предвремени парламентарни избори,- наведува електронското издание на приштинскиот весник „Експрес“.

Претставниците на трите партии сметаат дека Владата е заглавена во корупција и организиран криминал и таа мора да си оди.

Во Алијансата за иднината на Косово велат дека Косово изгубило многу време занемарувајќи го гласот на граѓаните и протестите во и надвор од Парламентот.

Координаторот на пратеничката група на оваа партија,Пал Лекај оценува дека Косово се наоѓа во длабока политичка и економска криза.

За координаторката на пратеничката група на Иницијативата за Косово,Валдете Бајрами земјата треба да оди на избори.

И во „Самоопределување“ велат дека се одлучни да се спротивставуваат се до уривање на владата.