Кошта: Треба да работиме на проширувањето на ЕУ без вештачки временски рокови и бесконечни пречки
Процесот на проширување на ЕУ со Западниот Балкан и земјите од источното соседство претставува моќна алатка за безбедност, просперитет и мир и е геополитички императив, изјави новиот претседател на Европскиот совет, Антони Кошта на денешната церемонија на примопредавање на должноста со досегашниот вршител на оваа функција Шарл Мишел.
Европската Унија и земјите кандидатки треба да работат понапорно и побрзо без вештачки временски рокови, но исто така и без бесконечни пречки, нагласи Кошта.
Според Кошта, Европа ја претставуваат вредностите за мир и просперитет, кои се впишани во договорите за формирање на ЕУ и тие се стандарди за сите институции насочени кон заштитата на човечкото достоинство, слободата, демократијата, квалитетното владеење на правото и почитувањето на човековите права и заштита на малцинствата.
-Овие вредности во принцип се самата суштина на Европа и нашиот начин на живот и тие мора да бидат почитувани, рече Кошта.
Тој се осврна и на војната во Украина, посочувајќи дека иако сите копнееме за мир, мирот не може да значи капитулација и не смее да ја награди агресијата, туку тој мора да биде траен и да се базира на меѓународното право и на универзалните принципи на Повелбата на Обединетите нации за правото на луѓето на самоопределување, право на нациите самостојно да ја избираат сопствена иднина и на почитување на територијалниот интегритет и границите на државите.
Новиот претседател на Советот на ЕУ изјави дека верува во мултилатерален свет со седум различни континенти и 193 земји, кои треба да бидат поврзани во глобална мрежа и со напуштање на досегашните концепти на поделби на глобален југ или глобален север.
-Европската Унија мора да биде партнер за изградба на глобална одржлива и мирна иднина и глобална финансиска архитектура што се бори против сиромаштијата, климатските промени и зачувувањето на нашите океани, рече Кошта.
Тој порача дека како градоначалник на Лисабон, бил и горд што му служи на својот град, како премиер на Португалија бил горд што и служи на својата земја и сега кога ја презема функцијата претседател на Европскиот совет и горд сум што ќе и служи на Европската Унија.
-Лисабон е мојот град, Португалија е мојата земја, а Европа е наш заеднички дом. Нема противречност меѓу овие три работи. Во денешно време, во овој глобализиран свет, единствениот начин да се биде вистински патриот е да се обезбеди суверенитет и да се изгради заедничка Европа, бидејќи ние само заедно може да се залагаме за безбедност, стабилност и мир на нашиот континент. Само заедно можеме да постигнеме заеднички просперитет, економски раст и климатска транзиција и само заедно можеме да направиме гласот на Европа да се слушне на меѓународната сцена. Единството е крвотокот на Европската унија, рече Кошта.
Сепак, според него, во таа заложба за единство не треба се игнорираат разликите во мислењата меѓу земјите членки и тие не треба се сметаат за проблем, туку треба да се искористат за зајакнување на Европа.
-Единството на Европа во различностите е извонредно и вкоренето во силата на нашата заедничка непоколеблива волја, нагласи Кошта.
Тој порача дека европските лидери мора да дејствуваат инспирирани од креативноста и водени од прагматизам со цел заеднички да ги бранат вредности на ЕУ за изградба на мир, обезбедување просперитет и обнова на врските со граѓаните, регионите, градовите и претставниците на граѓанското општество, во правец кон изнаоѓање подобри начини за справување со миграцијата, климатските промени, трошоците за енергија, обезбедувањето работни места и зајакнување на Европската Унија.
-Ќе се залагам за нашите вредности, за зајакнување на нашите европски проекти за мир и просперитет. Ајде да се фатиме за работа, додаде Кошта.
Тој му се заблагодари на Мишел за неговата досегашна работа како претседател со Европскиот совет во справувањето со предизвиците со кои се соочи ЕУ, нагласувајќи дека Европа треба да му е благодарна и дека многу му должи.
Мишел, пак, од своја страна нагласи дека желбата, енергијата и страста што ги видел при средбите што имал со граѓаните и бизнисмените во изминатиов период го прават оптимист за иднината на ЕУ.
-Европската Унија веројатно е најубавата идеја, најубавиот сон во историјата на човештвото и моќна енергија во служба на мирот и просперитетот, со која треба да се гордееме. Сите ние имаме одговорност да се грижиме за остварување на сонот за овој проект и оваа идеја, рече Мишел.
Тој потенцира дека во изминативе пет години ЕУ беше соочена со многу предизвици, но сепак презема мерки за обезбедување на климатска неутралност, за справување со последиците од ковид пандемијата и за справување со енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина. Мишел посочи дека веднаш по стартот на руската инвазија, ЕУ презема решителни мерки за поддршка Украина со „историски чекор“ за испраќање оружје и воена опрема, како и за санкционирање и изолирање на Русија.
-Сите овие предизвици ни ги отворија очите затоа што ги покажаа нашите слабости, но и нашата сила. Пред Европскиот совет ја претставив нашата Стратешка агенда, чиј апсолутен приоритет е да ја направиме Европа помалку зависна и господарка на својата судбина, додаде Мишел.
Тој нагласи дека од искуството од неговата досегашна работа сфатил дека Европскиот совет мора да биде чувар на европското единство и да помага за заедничко справување со предизвиците.
-Ниту вие, ниту јас, за жал, немаме кристална топка за да ги идентификуваме предизвиците што стојат пред нас, но од се срце се надевам дека следните неколку години ќе бидат помалку турбулентни од претходните и се надевам дека единството ќе опстои. Ви посакувам се најдобро и голем успех, додаде Мишел обраќајќи му се кон Кошта.
По обраќањата, Мишел формално му ја предаде должноста Кошта, вградувајќи му го ѕвончето, кое вообичаено го користеше за означување на почетоците на заседанијата на Советот на ЕУ.
Ново на Сител
-
ДУИ со една реченица ја поздрави одлуката на Стејт Департментот, не запираат рекациите
-
Објавени документи пред утрешната одлука на Уставниот суд за јазиците
-
Протест во Скопје за спас од загадениот воздух
-
Предлог буџетот за следната година на пленарна седница
-
Обвинувања за криминал со превозот на ученици во Прилеп
-
Преглед на вестите од светот
-
Голема полициска акција - Приведени 23 лица поврзани со криминали во РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и Неготино
-
Мицкоски: Уште многу криминали ќе бидат обелоденети во следниот период