Loading Video...
Кошарка
22. February 2018 - 15:13

Кошаркарите сакаат да ја потврдат фаворитската улога против Словачка

 
Македонските кошаркари ги одработуваат мини подготовките за претстојниот квалификациски дуели против Словачка. 
 
Победата во првата меѓусебна пресметка на гости во Словачка каде црвено-жолтите триумфираа со 74-66, со право ги прави македонските кошаркари фаворити. 
 

„Ние ја имаме улогата на фаворити. Пред се поради начинот на кој го одигравме првиот меч на теренот на противникот. На таа средба не настапив, поради што се надевам дека овој пат ќе може да им помогнам на соиграчите од репрезентацијата да дојдеме до посакуваниот резултат кој може да биде клучен во овој циклус квалификации. Најважно е да останеме здрави, ова е генерација која играше заедно во младинските селекции и чие време конечно дојде. Со добра работа и одредени подмладувања сигурен сум дека можеме многу да направиме“, изјави Александар Костовски, кој поради повреда го пропушти првиот меч против Словаците, на кој од иста причина го немаше ниту Бојан Трајковски.

„Не бев на претходните мечеви, но сега сме сите заедно и тоа е најважно. Сакаме да се покажеме на ниво и да го завршиме циклусот како што треба. Следи меч пред домашната публика, пред која имаме некој внатрешен притисок, но верувам дека ќе дадеме максимум и ќе завршиме со победа“, изјави Трајковски.
 
Натпреварот Македонија – Словачка ќе се игра во недела во  „Јане Сандански“, со почеток во 20 часот и 15минути, а влезот за истиот ќе биде бесплатен.
 
Вечерва во нашата група својата прва меѓусебна пресметка ќе ја имаат Швајцарија и Словачка. 
 
Македонија е лидер на табелата во првата група со две победи на исто толку одиграни средби, додека Словачка и Швајцарија имаат по еден пораз и се без победа.