Кошарка
31. January 2017 - 18:32

Кошарка ќе се игра, клубовите ги прифатија аргументите на МКФ, постигнат е компромис

 
 Вчерашниот ултимативен став, на дел од клубовите, упатен кон Македоската кошаркарска федерација (МКФ), дека тимовите ќе го бојкотираат првенството и националниот куп, а по несогласувањата околу изречените суспензии на четири тима кои не ги исполниле своите финансиски обврски кон федерацијата, денеска најголем дел од тимовите ретерираа со ваквиот став. 
 
По средбата на претседателот на МКФ, Петар Наумоски од една и претставниците на клубовите од друга страна, поголемиот дел од прволигашките екипи, се изјаснија дека кошарка мора да се игра и дека ги прифаќаат обврските кои ги имаат. 
 
Таков беше случајот со екипата на Стумица која денеска веќе уплатила дел од обврските. За останатиот дел, претставникот на клубот, побарал согласност од другите клубовите и федерацијата, тој да биде регулиран по утврдена динамика, односно истиот во целост да го исплатат пред почнувањето на вториот дел од шампионатот, односно Супер или Плејаут лигата. Ваквото барање на струмичани, наиде на разбирање кај клубовите и федерацијата, по што на раководството на КК Струмица им останува обврската писмено да ја достават динамиката и да ја регулираат обврската. 
 
Ова практично значи дека претстојните средби од одминафиналето во Купот на Македонија, меѓу Струмица и Гостивар и Вардар и Пелистер ќе се одиграат во предвидениот термин (утре) 1 февруари.
 
Иако, АВ Охрид немал свој претставник на состанокот, сепак од клубот со писмо ги искажале својот став, во кое оваа екипа ги поддржала ставовите на федерацијата, а воедно уште еднаш оваа екипа потврдила дека не е за никаков бојкот на првенството, напротив од АВ Охрид сметаат дека кошарка мора да се игра, а клубовите мора да ги почитуваат правилата, но пред се превземените обврски. 
 
 
Договорен е и начинот на уплата на  долгот кон МКФ и со екипите на Куманово и Кожув .Со преставниците на двете екипи е договорено до петок да биде подмирен дел или пак целиот долг, по што суспензиите веднаш ќе бидат повлечени. Ако исплатата пак не е целосна истата да биде комплетно подмирена до почетокот на Супер лигата. За оваа одлука беа консулитари сите клубови од Првата лига , кои што веќе ги имаат подмирено сите обврски. 
 
По средбата со претставниците на клубвите од Првата лига претседателот на МКФ Наумуски истакна.
-Постигнавме договор за нешто суштинско – за доброто на кошарката. Струмица собра значаен дел од сумата што ја должеше, па излеговме во пресрет на барањето на овој клуб остатокот да го плати до стартот на Супер-лигата или плејаут натпреварувањето, во зависност од пласманот во сегашната фаза. Со Кожув и со Куманово постигнавме договор ист така дел од сумата, или пак целата сума да биде платена до петок, за суспензиите да бидат кренати, а потоа доколку исплатата не е целосна истата да се комплетира до стартот на Супер-лигата. За ова се консултиравме со сите клубови кои веќе ги имаа подмирено своите обврски бидејќи не сакавме да се чувствуваат изневерени бидејќи ја уплатиле целата сума во предвидените рокови, па откако добивме зелено светло од сите нив ја прифативме оваа опција. Како што реков, ова е одлука што е донесена за доброто на кошарката“ – порача Петар Наумоски.