Македонија
14. February 2020 - 16:40

Корона вирусот коси во Кина и низ светот, а кај нас вирусот на грипот

Двајца пациенти со компликации од грип се во критична состојба, на апарати за дишење на Инфективна. На Клиниката поради здравствени проблеми предизвикани од вирусот хоспитализирани се 38 пациенти, информираат од Установата. На Детската клиника каде завчера почина 13 годишно девојче  три деца се со сериозни компликации од грип. Таму болнички се лекуваат 17 пациенти.

-Седумнаесет пациенти со симптоми на грип се хоспитализирани на Универзитетската клиника за детски болести. Не се сите пациенти со компликации. Имаше две деца хоспитализирани со потешка форма на бронхопневмонија од компликации од грип. Понекогаш децата имаат болки во зглобовите, во мускулите, во коските, а едно дете е со докажан енцефалит. Почина со пневмонија како компликација од грип. Детето беше долги години пациент на Клиниката, а со грип беше лекувано два дена, изјави  директорката на Клиниката за дестки болести Наташа Најдановска Алулоска.

Вироза ги скрати часовите по 15 минути во гевгелиските училишта. Од околу 2500 ученици, 500-тини отсуствувале од настава. Слична е состојбата речиси во сите образовни установи во земјава. Од министерството за образование велат дека ја следат состојбата, но засега нема одлука за прекин на наставата поради ширењето на грипот.

-Во ситуации на интензивирање на заразни болести, министерството секогаш ги следи препораките од Комисијата за заразни болести, така што, доколку биде донесена одлука за привремен прекин на настава или пак, се преземе друга мерка во меѓувреме, јавноста ќе биде навремено информирана – велат од ресорното министерство.

Инаку нема промена на состојбата на македонскиот државјанин заразен со коронавирус. Тој останува хоспитализиран во една од јапонските болници. Досега на крузерот на кој има уште двајца македонски државјани виирусот е потврден кај 200 патници и вработени на бродот.

Според последните бројки од коронавирусот починаа близу 1400 лица, а има 65.000 заразени ширум светот.