Македонија
10. August 2016 - 17:53

Координативен донаторски состанок во СЕП

Во Секретаријатот за европски прашања денеска се одржа координативен донаторски состанок, во врска со катастрофалните поплави кои се случија изминатиот викенд.

Вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми посочи дека целта на состанокот е да се искористи максимално потенцијалот за финансирање од страна на донаторите со координиран пристап за насочување на помошта. Тој ги истакна првичните дефинирани приоритети за насочување на помошта за реконструкција и поправка на оштетените куќи и други значајни објекти, поправка на инфраструктурата и мерки за натамошна заштита помош за МСП и за оштетените фарми и санација на земјоделското земјиште, како и директна помош за институциите за заштита.

На состанокот беше надгласано дека во оваа фаза преоценките на штетите се многу индикативни, но се работи на нивно допрецизирање. Адеми информираше и дека е активиран Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, преку кој се направени сателитски снимки на теренот, а веќе на терен се и нивни експерти за проценка на првичните потреби за населението.

Вицепремиерот Адеми им се заблагодари на сите донатори за нивната поддршка во минатото и ги повика и останатите меѓународни чинители да дадат свој придонес за да може Македонија да се справи со настанатата состојба.

На средбата свои обраќања имаа и вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, министерот за финасии Кирил Миноски, заменик министерот за надворешни работи Илија Исајловски, постојаниот координатор на ООН и постојан претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон и раководителот на сектор за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, Мартин Клауке.