Македонија
14. May 2018 - 14:44

Конференција: Младите си одат зашто немаат работа и можности за напредување

Надвор од Македонија живеат и работат повеќе од 29 отсто високобразовани поединци, а вкупниот број на иселеници изнесува 21 отсто, покажуваат последните податоци од Светска банка. Истражувањата покажуваат дека фактори за „одливот на мозоци“ се ниските плати, недостиг на можности за соодветна напредна обука и развој на кариерата, тешкотии да се стане целосно квалификувана академски и кредибилна личност, недостиг на слобода во истражувањата, изолација од меѓународни академски дебати и сл.

Ова на денешната конференција „Brain Drain: Перспективи на младите луѓе“ го соопшти министерката за образование и наука Рената Дескоска.

- Свесни сме дека во изминатиот период Република Македонија изгуби, се надеваме привремено, дел од младите луѓе кои беа високообразовани и отидоа да работат во западноевропските земји или преку океанот. Со цел да го спречиме тој одлив на мозоци, почнавме повеќе програми кои треба да им овозможат останување на висококвалификуваните млади луѓе во Македонија, изјави Дескоска. 

Веднаш по стапување на функцијата министер за образование и наука, како што рече, од МОН беа одобрени согласности за вработувања на млади квалитетни луѓе на на универзитетите во Македонија. Според неа, со тоа успеале да вратат дел од луѓето кое работеле на европските универзитети, а дел спречиле да заминат.

Дескоска изјава

- Минатата недела беше објавен Законот за високо образование така што оваа недела веќе се пуштени нови согласности во Министерството за финансии кои ќе овозможат нови вработувања на универзитетите. Таргетираме млади луѓе кои имаат висок просек и кои имаат истражувачки потенцијали да останат на универзитетите во Македонија, рече Дескоска. Додаде дека младинската гаранција треба да овозможи вработливост на младите и нивно останување во Македонија.

Политичката нестабилност со која се соочуваваме како држава и лошата економска состојба, како што рече, беа наведувани во изминатиот период како причина за иселување на младите. 

- Од земја која беше политилки нестабила, со неизвесна иднина, сега сме земја пред која се отвораат евроатлатнските перспективи и се стабилизираат демократските процеси и тоа секако треба да влијае на останувањето на младите во Македонија, смета Дескоска. 

Конференцијата ја организира Здружението LEAD во соработка со фондацијата Конрад Аденауер и Вилфрид Мартенс Центарот за Европски студии.

Извршниот директор на Здружението „Lead“ Иван Јованов изјави дека според некои проценки во последните десет години од Македонија се отселил 25 отсто од високобразовниот кадар. Според него, за да останат младите во Македонија потребна е промена на целокупниот систем на функционирање на општеството.

Раководител на фондацијата Конрад Аденауер во Скопје Јоханес Д. Раи смета дека младите во Македонија ќе се задржат само со отворање можности за нивно работно ангажирање.