Македонија
25. September 2020 - 12:37

Конче и Струмјани заеднички ќе се борат против поплавите

Елементарните непогоди не познаваат граници, токму затоа општините Конче од македонска и Струмјани од бугарска страна решија заеднички да го решaваат проблемот со поплавите. Со финансиска поддршка на Европската унија започнаа со реализација на проект за примена на мерки за заштита од поплави. Проектот се реализира како дел од Интерег програма за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија. Неговата основна цел е да ги спречи или ублажи последиците од природните , но и катастрофите предизвикани од човечкиот фактор во прекуграничниот регион. Една од главните активности на македонска страна ќе биде регулација на коритото на Дединска река.

Во рамки на проектот треба да се изготви и план за создавање мрежа за намалување на ризикот од катастрофи и подигнување на свеста за климатските промени преку прекугранична соработка. Проектот опфаќа и кампања за подигнување на свеста за спречување и  управување со ризици,но и заеднички работилници со цел изнаоѓање решенија за управување со ризик  од природни  непогоди  во прекуграничниот регион. Целиот проект чини нешто повеќе од 390 илјади евра од кои 178,979 евра се наменети за активностите во општина Конче.