Македонија
18. January 2020 - 16:54

Концертите во Штип во студени сали

Познатиот македонски пијанист Симон Трпчевски имаше настап на традиционалниот новогодишен концерт кој секоја година го организира средното музичко училиште „Сергеј Михаилов“ кој се одржа пред 20-тина дена. Во своето обраќање кон публиката тој укажа дека учениците вежбаат и настапуваат во несоодветни услови, поточно на ниски температури зашто салата во домот на културата „Ацо Шопов“ нема затоплување.

- Почнувајќи од утре институциите во Штип ќе работат без греење, како тие луѓе вработени таму би разбрале што значи вакви луѓе како овие на сцена да работат на вакви температури. Фер е нели...Овие луѓе, драга публико, се херои...изјави Симон Трпчевски, пијанист

Според раководството на Домот на културата проблемот е настанат уште при градбата на објектот, затоа што не се предвидени доволно грејни тела, а тоа пак најпластично ги одразува условите во кои творат културните работници во земјава.

-Кога ја слушнав неговата изјава реков, ова момче Господ го прати, дека тоа е гласот на Бога, дека навистина треба нешто да се реши, не само со домот на културата во Штип, туку и со сите такви архитектонски ентитети ширум Македонија, бидејќи само по себе тоа може да зборува за оправданост на таквите институции во градските средини-изјави Трајче Кацаров, раководител во НУЦК „Ацо Шопов“ - Штип. 

И тој недоволен број на грејни тела пред 11 години некој ги украл, па така сега бројот на радијатори е сведен на нула.

За тоа ние пријавивме до надлежните институции, но се уште немаме одговор, ниту пак прекршителите на Законот се фатени- додаде Кацаров

Кацаров смета дека на добронамерната критика на Трпчевски не треба да и се дава политичка конотација, зашто таа беше во насока во иднина да се изнајдат соодветни решенија за овие проблеми.