Македонија
5. October 2020 - 19:57

Комисијата за заразни болести предлага отворање на границите кон соседите без ПЦР тест

Владата утре ќе одлучува за предлогот на Комисијата за заразни болести за отворање на границите со Србија, Црна Гора, Косово и Албанија без ПЦР тестови. Образложението на епидемиолозите е дека нема висок број на увезени случаи со Ковид-19 од овие земји. Но, треба да се земе во предвид и фактот дека повеќе од 2 месеци без негативни тестови не беше дозволен влез во Македонија и значително беше намален протокот на патници. Идејата е земјите од регионот да се отворат едни кон други. Сеуште нема одговор дали Србија и Бугарија ќе дозволат  и македонските државјани без услови да влезат на нивна територија. Премиерот Заев најави зелено светло за препораката на Комисијата, но Владата ќе препорача надвор од државата наредниот период да се патува само кога е неопходно.

- Не сакаме да бидеме изолирани од регионот, ако регионот е отворен, тогаш треба да бидеме и ние. Мала земја сме, поврзани сме со регионот за здравстевни искуства и во делот на економијата. Поприлично сме позитивни кога стручните луѓе од комисијата даваат сугестии, но секако тие ќе бидат патување – да, без ПСР, но само кога е најнеопходно, изјави Премиерот Зоран Заев.

Слична е епидемиолошката состојба во целиот Регион. Од 3 до 10 проценти се движи процентот на новооткриени случаи од вкупно тестирани.

Според вчерашните бројки во Косово за едно деноноќие имало 56 позитивни на Ковид-19 од 567 анализирани примероци.

Во Србија регистрирани се 59 новоинфицирани, од над 2000 тестови или помалку од 3 отсто.

Во Албанија имало 149 позитивни, а засега најлоша е состојбата во Црна Гора таму вчера се откриени 193 новозаразени од само обработени 657 примероци.

Поради алармантните бројки повеќе европски земји ги враќаат рестрикциите. Од денеска во Чешка стапува на сила нова вонредна состојба, спортските натпревари ќе се играат без публика, а во Париз баровите нема да работат наредните 2 недели.