Македонија
9. May 2020 - 15:08

Комисијата за заразни болести одлучува кога да бидат отворени угостителските објекти

Комисијата за заразни болести попладнево ќе одлучува кога ќе бидат отворени рестораните и кафетериите. Иако на почетокот на неделата министерот за здравтво најави дека од понеделник дел од угостителските објекти ќе почнат со работа, сепак конечната одлука треба да ја донесе Владата во зависност од тоа што ќе препорачаат Комисијата и Кризниот штаб.

Додека се чека одлуката некои угостителски објекти најавија отворање на локалите на 18 мај.

Во меѓувреме од АХВ објавија препораки како да работат објектите кои подготвуваат и послужуваат храна за да се спречи инфекција со Ковид-19. Вработените во угостителските објекти и хотелите потребно е да одржуваат редовна хигиена на рацете и честа дезинфекција во објектот и на гостите. Да држат растојание помеѓу себе од 1,5 до 2 метри. Задолжително да носат маски или визири.

Масите да бидат поставени за максимум 4 лица кои ќе седат на површина од 10 метри квадратни. Растојанието од задниот дел на столиците на соседните маси да биде најмалку 1 метар, а гостите да се гледаат на растојание од најмалку метар и половина.

Секој објект да има назначено одговорно лице за предизвиците со Ковид-19, а ако се болни вработените газдите не треба да бараат тест за коронавирус ниту да им бараат медицинска белешка да ја потврдат болеста. Во случај некој од персоналот да е заразен работодавачите треба да ги известат останатите колеги  дека се во ризик.