Македонија
23. November 2015 - 15:54

Комисија: Извештајот на ЕК во делот на економијата главно позитивен

Собраниската Комисија за економски прашања на денешната седница го разгледа Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2015 година. Членовите на Комисијата се согласни дека во делот на економијата Извештајот главно е позитивен иако има и одредени забелешки.

Според Марјанчо Николов од СДСМ, иако извештајот за економијата има релативно добри оценки, сепак она што е наведено во него не дава можност за опуштање.

- Комисијата констатира одреден напредок во економијата, но ни се укажува дека треба да спроведеме уште бројни реформи за да се подобри конкурентноста на македонските компании и да се приспособат навреме за предизвиците што ги чекаат на европскиот пазар по евентуалното влегување во Унијата. За фер и слободна економија еден од главните предуслови е владеењето на правото каде се најголем дел од забелешките во извештајот, рече Николов.

Тој посочи дека во делот на економијата круцијални забелешки се дека не е постигнат никаков напредок во делот на функционалната пазарна економија, како и лошата можност за реализирање на конкурентноста на македонските приватни претпријатија заради слабото извршување на договорите и високото ниво на неформална економија.

- Во делот на енергетиката потенцирана грешка е одложувањето на либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Забелешка е и дека учеството на јавниот сектор во економијата останува речиси непроменето и оти Владата не сака да се ослободи од компаниите во своја сопственост, рече Николов.

Потенцира дека се бара да се подобри и пристапот на компаниите до финасиски средства и да се забрзаат стечајните постапки.

Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека во извештајот е нотирано дека во Македонија постои функционална пазарна економија, банкарскиот систем е стабилен и оти макроекономската стабилност е дополнително зајакната, а евидентиран е и растот на производството од 3,8 отсто, зајакнати се јавните инвестиции, зголемени се директните странски инвестиции,...

- Извештајот за економијата е генерално позитивен иако постојат одредени забелешки кои како економија треба да ги елиминираме. Ако се заврши како што треба со изборите на 24 април и доколку нема некои непредвидени надворешни влијанија оптимист сум дека Македонија е на добар пат да ги отстрани забелешките, истакна Мукоски.

Потенцира дека во изминатиот период во Македонија има поставено здрави економски политики и генрално има напредок во макроекономската политика и во делот на фискалната стратегија и спроведувањето на намалувањето на буџетскиот дефицит.

- Факт е дека со нашите мерки за привлекување директни странски инвестиции имаме доста странски инвеститори кои дојдоа во државата и вработуваат 15.000 нови луѓе, создаваат нови производи со нова додадена вредност, зголемен е извозот, намален е трговскиот дефицит. Факт е дека и макроекономските параметри се стабилни и дека имаме постојан раст на БДП, дека се стабилни двизните резерви, дека успеваме да го одржиме стабилно двезиниот курс на денарот, и дека генерално економијата на Република Македонија се движи напред. Можеби не со она темпо што сите го посакуваме, но според нас тоа е пред се од внатрешната криза што ја имаме во последно време, а претходно од светската економска криза. Заеднички треба да се трудиме во многу подрачја  за да го подобриме работењето, рече Мукоски.

За Васко Ковачевски од СДСМ клучна забелешка во извештајот е дека Владата троши повеќе од што може и не се придржува на пропишаниот буџетски дефицит.

Лијлана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ смета дека во извештајот за 2015 година во делот на економијата е нотирано оти се реалзирани забелешките од претходниот извештај во 2014 година. Како позитивно е оценето отворањето на новите 10 технолошко-индустриски развојни зони и привлекувањето директни странски инвестиции.

Реџаил Исмаили од ДУИ констатира дека во извештајот напредокот во делот на економијат е оценет позитивно.