Македонија
11. September 2020 - 21:33

Комисиите за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија договорија рестарт на разговорите

Крајот на септември или почетокот на октомври е терминот во кој ќе биде одржана новата средба на македонските и бугарските историчари. По 10-месечна пауза, заедничката комисија ќе се обиде да направи напредок во работата која се закочи на прашањето за Гоце Делчев.

Тема на претстојната средба ќе биде и средновековната историја и како таа ќе биде претставена во македонските учебници во основното училиште.

„Во интерес на нашите земји е да имаме решение и напредок по долгата пауза која беше на барање на македонските колеги“, вели за Сител професорот Кајчев, член на бугарската комисија.

Наспроти тврдењата на Кајчев, од македонската страна велат дека периодот кога би била одржана новата средба е договорен уште во јуни на онлајн средбата на претседателите на двете комисии.

На денешната средба со министерот Османи отстранети се административните пречки, по што е отворен патот за нова средба. Очекувањата од неа ги сподели претседателот Ѓоргиев.

Ѓоргиев вели дека и покрај пандемијата и двете страни ќе настојуваат наредните средби да бидат одржани со физичко присуство поради поголема ефикасност и продуктивност.