Живот
21. September 2018 - 10:54

Kолумбиjа затвори музеј на Пабло Ескобар

Колумбискиот град Меделин, во соработка со миграциските служби, вчера го затворија музејот посветен на наркобосот Пабло Ескобар, еден од најбогатите криминалци во историјата. „Сопственикот“, пак, ќе треба да плати казна од 36 милиони пезоси (12.200 долари).

Имено, музејот ја нема потребната лиценца за работа, а бил менаџиран од Роберто Ескобар, брат на поранешниот шеф на картелот „Меделин".

- Не би сакал луѓето да доаѓаат во нашиот град, па и во нашата земја, за да му се воодушевуваат на криминалот. А уште помалку да се заработува од сето тоа, изјави градоначалникот Федерико Гутјерес Сулуага.

Музејот се наоѓаше во една од куќите на Ескобар. Во него се изложени неговиот мебел, лични предмети и автомобили, од кои еден е и со дупка од куршум.

Според градските власти, туристите плаќале по 90.000 пезоси (околу 30 долари) за влез. Роберто Ескобар пак тврди дека влезот не се наплаќал, туку посетителите давале „доброволни прилози“.

Пабло Ескобар, за кого се смета дека е одговорен за убиства на околу 6.000 луѓе, беше застрелан од силите за безбедност во 1993 година.