Бизнис
21. September 2019 - 19:19

Колку македонските компании користат државна помош за развој на својот бизнис?

Најдоцна до 25 декември фирмите ќе добијат поврат на дел од нивните инвестиции реализирани лани, велат од Владата, што е согласно роковите дефинирани во Законот за финансиска поддршка на инвестиции. До сега, во тековната година, по овој основ не се вршеле исплати бидејќи рокот за поднесување на барањата за финансиска поддршка трае до крајот на месецов.

Преку мерките од третиот столб на Планот за економски раст, годинава преку Фондот за иновации исплатени се околу 5,5 милиони евра на компаниите од двата јавни повици. До сега Фондот потпиша вкупно околу 240 договори.

“Од овие средства, откако се потпишани договорите, бидејќи средствата не се реализираат однапред, туку како што се реализираат проектите и се предмет на редовно следење од наша страна, значи, до сега кон компаниите од наша страна се исплатени нешто над 500 милиони денари, тоа се некаде околу 8,5 милиони евра и јас очекувам дека во предвидениот период на реализација на пректите, дека сите средства кои што се потпишани и предвидени да се обезбедат од страна на Владата и на Светска Банка, ќе бидат исплатени. Меѓутоа, можам да кажам дека од проективе, кои што се во просек, зависно од инструментот траат од 18 до 24 месеци, дека немаме големи доцнења.”, вели Јован Деспотовски, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Исплатата на парите преку Фондот за иновации зависи од динамиката на реализација на проектите на самите фирми.

“Практично, не се исплатени само тие фирми што ги немаат завршено проектите и за кои што не се завршени ревизиите. За сите оние за кои што се завршени проектите, или делумно завршени согласно договорот и се направени ревизиите, сите се до последно исплатени”, уверува Кочо Анѓушев, вицепремиер задолжен за економски прашања.

Од Министерството за економија информираат дека преку нивната Програма за конкурентност, иновации и претприемништво за 2019 година до сега се исплатени речиси сите пари, односно 148 фирми добиле вкупно 437.000 евра.

Годинава исплатени се и околу  9,6 милиони евра на 7 компани кои работат во индустриските зони, согласно договорите и динамиката на реализација на бизнис плановите.

Инаку, со Планот за економски раст, лани кај компаниите завршиле вкупно 40,7 милиони евра преку различни програми и институции, каде се вбројуваат и веќе споменатите пари од Фондот за иновации.

Дел од парите се исплатени преку Агенцијата за странски инвестиции и Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони 12 компании од зоните лани добиле вкупно 4,4 милиони евра.

Преку Генералниот секретаријат на Владата, на име на склучени договори за државна помош преку надлежните министерства, во 2018 година се исплатени вкупно 16.4 милиони евра на 80 странски, домашни или компании со мешан капитал, согласно законите, а каде не се прави разлика меѓу домашни и странски компании, односно можност за аплицирање имаат подеднакво сите компании, независно од сопственичкиот капитал, ниту големината на фирмата. Важно е да ги исполнат двата основни критериуми, односно да го зголемуваат приходот, да не го намалуваат бројот на вработени и да направат инвестиции за производствен капацитет.

Преку Оперативниот план за вработување, пак, лани Агенцијата за вработување исплатила 16,4 милиони евра. Најголем дел од средствата, односно 6 милиони евра, биле за основање на 962 нови микро бизниси преку програмата за самовработување.

Преку Програмата за конкурентноист, иновации и претприемништво на Министерството за економија, пак, лани 160 фирми добиле вкупно 760.000 евра.

Од Владата сметаат дека Планот за економски раст покажува резултати и за негова реализација во државниот буџет за годинава беа планирани околу 36% повеќе пари, во кои влегуваат и средствата за директна финансиска поддршка на компаниите, оперативната програма за вработување, но и средства за изградба на ТИР зоните, гасификација, железница и други потпрограми.