Балкан
15. September 2015 - 15:31

Колеџот на комесари на ЕУ утре ќе расправа за стратешките односи со Македонија, Турција и Србија

Колеџот на комесари на Европската унија утре ќе расправа за подобрување на стратешките односи со Република Македонија, Турција и Србија, а во светло на кризата со емигрантите, но и за работи што го надминуваат овој проблем со кој се соочуваат овие земји-кандидати за членство во ЕУ, јави дописникот на МИА од Брисел.

Според портпаролот на Европската комисија Маргаритис Схинас, на утрешниот Колеџ на комесари, што ќе го предводи челникот на Комисијата Жан-Клод Јункер, прва од трите точки ќе биде политиката на европското соседство со фокус на подобрување на стратешките односи на Унијата со трите посочени земји.

- На утрешниот Колеџ на комесари, нашите коемсари на агендата ќе имаат три точки. Прво, ќе има ориентациска дебата за иднината на политиката на европското соседство и ова е во светло на сегашната криза, но и ја надминува и кризата и е база за дискусии за следните месеци за тоа како да ги подобриме стратешките односи меѓу ЕУ и соседските земји, посебно со Србија, Турција и Македонија. Комесарката Федерика Могерини и комесарот Јоханес Хан ќе ја отворат дебатат на оваа точка на утрешниот Колеџ, посочи гласноговорникот на неформалната Влада на ЕУ.

Акцентот на официјален Брисел на подобрување на стратешките односи токму со Македонија, Турција и Србија се смета дека е поради тоа што овие три земји во моментов се на удар на напливот на емигранти и бегалци, како и на тоа што овие држави мора да бидат посилно финансиски помогнати од ЕУ со цел успешно да се справат со стотиците илјади лица од Ирак, Авганистан, Сирија и Либија, што во потрага по подобар живот транзитираат низ нив во целта да стигнат до западно-европските држави.