Свет
21. October 2015 - 9:25

Кој заглави во Сирија, Русите или Американците

21 октомври 2015 

Политика - Белград

Многумина кои молчеа кога Вашингтон ги напаѓаше Ирак и Авганистан, сега истакнуваат дека странските воени интервенции не водат кон ништо. 

Русија ќе заглави во Сирија, предупреди американскиот претседател Барак Обама откако Москва се вклучи во војната меѓу Башар ел Асад и бројните бунтовнички групи.

Од денот кога првите руски проектили паднаа на непријателите на владата во Дамаск, американските медиуми исто така почнаа да предупредуваат дека со бомбардирање ништо не се постигнува, дека странските воени интервенции носат страдање на локалното население, а за земјата која интервенира е влез во жив песок.

Меѓутоа, интересно е дека за освестување на медиумите и естаблишментот беше потребна само една руска бомба, но не и 25 години апсолутна американска превласт во светот кога Вашингтон бомбардираше кого сакаше и се вклучуваше на таа страна во војна од која се очекува идна соработка.

Америка навистина има богато искуство на воено интервенирање и заглавување по странски фронтови, па нејзиното предупредување може да се сфати уште и како добронамерно да не се две работи.

Прво, самата Америка е вклучена во сириската граѓанска војна, од каде бара Русија да се повлече. Медиумите пренесоа дека на т.н. умерени сириски бунтовници штотуку им пратила 50 тони муниција, откако веќе четири години ги вооружуваше и обучуваше.

Второ, никаде не се наведува врз основа на што знаеме дека интервенциите се лоши, т.е. не се потенцира дека токму американското мешање покажа дека тоа не треба да се прави. На кое заглавување мислеше Обама? На Авганистан? Ирак? Либија?

Познатиот американски новинар Томас Фридман не ја критикуваше војната во Ирак, се додека тамошната катастрофа не ја надмина моќта на пропагандата на Буш, но по само неколку дена руска интервенција кристално е јасно дека од сега сите сунити на светот, вклучувајќи ги граѓаните на Русија, ќе го презираат Владимир Путин. - Ќе го мразат поради неговата поддршка на „алавитско-шиитскиот геноциден воен злосторник‟ и најголемиот убиец на сунитите, смета Фридман.

Руското искуство го наведе да ги критикува и конзервативците на Џорџ Буш кои бараат од Обама посилно да се ангажира во Сирија. Ги опишува како „луѓе кои не знаат како да се изборат со проблематичните делови на Балтимор, а мислат дека знаат како да го спасат центарот Алепо, од воздух‟.

Конечно, авторот се прашува како Путин мисли да создаде нова влада во Сирија, дури иако сосема ја уништи Исламската држава (ИД). Не прашува како тоа ќе го направи Белата куќа, која исто така ги бомбардира наведените исламисти. Конечно, Фридман заклучува: „Ако сакаме нешто повеќе, мултиконфесионална демократија, ќе мора сами да одиме и да ја изградиме. Лудост е ставот дека за тоа доволно е да се вооружат умерените бунтовници‟.

Друг колумнист на „Њујорк тајмс‟, Џереми Шапиро, пишува дека акциите на Путин во Сирија „ќе го влошат насилството, ќе го разгорат тероризмот и ќе ризикуваат заглавување на Русите. Последиците ќе бидат лоши по Русија, САД, Сирија и нејзините соседи‟. Шапиро потенцира дека Русите нема да ја завршат граѓанската војна во Сирија, ниту ќе го победат тероризмот и екстремизмот.

Неговиот заклучок би бил појасен да потсетеше дека Либија остана во хаос и по интервенциите на САД, дека судирот во Ирак се разгоре како последица на американската окупација, како и дека нападот на Авганистан прерасна во најдолга американска војна.

Да не зборуваме за тоа дека изговор за ударот на Кабул беше борбата против тероризмот, а тој по 2001 година се разгоре: ИД, Ал Каеда, Боко харам и талибанците се засилија во последните 14 години, токму во период кога против нив се водеше американска војна против теророт, со инвазии, интервенции, бомбардирање и дронови.

Поради тоа што веруваат дека американските мотиви по правило се чисти, а мотивите на нивните ривали нужно нечисти и најдобрите медиуми во САД истакнуваат дека целта на Путин е да го зајакне рускиот сојузник Асад, додека Америка, веројатно сосема незаинтересирана за своите интереси, само сака да донесе мир и демократија.

Во многу текстови читаме дека Кремљ штити диктатор, додека на збор треба да му се верува на Пентагон дека Америка во Сирија ги вооружува умерените Сиријци, како што во Либија помагаше на умерените Либијци кои на крај им го убија амбасадорот во Бенгази.

Америка ја обвинува Москва за она што го прави и самата, како што Русија сега го работи она што со години го критикуваше кај САД: бомбардира во странска земја, бара да и се верува дека цел се терористите и се оправдува со превентивна војна. Слушаме дека Москва ги спречува ударите на ИД на тлото на Русија, како што порано слушавме дека САД со нападите на Ирак и праќањето на дронови над Пакистан, Јемен или Сомалија се брани од идни терористички напади.

Најдобар пример од кој никој не учи сепак е Авганистан, каде Советите не успеаја да ги победат муџахедините како што ни Американците не ги победија талибанците. Затоа Вашингтон и Москва се тука каде што се, во Сирија, вовлечени во војна по пат на посредници. Помагаат на меѓусебно спротивставени страни надевајќи се дека токму нивната ќе ја задржи т.е. ќе ја освои власта и ќе остварува руски т.е. американски интереси.

Вашингтон тврди дека Москва гаѓа сириски борци кои ги тренирала ЦИА и ако на тоа одговори со директен напад на силите на Асад, ете прилика и за САД и за Русија да покажат како се вади од кал.