Loading Video...
Фудбал
19. August 2019 - 19:40

Кој да го искористи лошиот старт на фаворитите!

Во домашното фудбалско првенство се одиграа две кола. На стартот многу изненадувања и разочарувања по кои и најдобрите познавачи на македонскиот фудбал се изненадени од изгледот на прволигашката табела.    Ако почнеме од разочарувањата најголемото на стартот го приреди шампионот Шкендија со двата порази во Струмица и Кратово.  Вчера Силекс им одржа фудбалска лекција на тетовчани  и триумфираше со евроголот на Дурански  а можеше да постигне уште некој гол.  Во Тетово алармот гори на црвено а кој ќе ја плати сметката дали  тренерот Османи или некој од фудбалерите ќе покажат наредните денови.

Критично е и во Вардар и  црвено-црните од Скопје како и Шкендија на две средби се без постигнат гол што им донесе само еден бод и главоболки пред продолжението од првенството.  Дали бродот ќе плови нагоре или во некој друг правец ќе биде појасно следниот викенд кога се игра градското дерби со Работнички. Романтичарите славеа со 2-0 во градското дерби со Шкупи и покажаа дека само добрата реализација носи успех.

Хит на првенството е  Ренова која нанижа две победи на стартот и покрај заминувањето на најдобриот стрелец во лигата Влатко Стојановски.  Гипсарите делуваат опасно во нападот, лесно креираат шанси и ако продолжат така можат да се вбројат меѓу кандидатите за  Европа.  Во тој кош се и Македонија ЃП и А. Пандев кои вчера разочараа во дербито кое заврши без постигнат погодок.  Бодовите беа важни па можеби и се калкулираше пред продолжението на првенството.

Стартот донесе возбудувања и изненадувања а каков ќе биде крајот ќе покажат можеби следните дуели. Јавноста и покрај слабите резултати на Вардар и Шкендија на стартот не верува дека постои екипа која на крајот ќе ги симне од врвот на мак- фудбалот.  Како и да е тоа се главните фаворити за титулата но  ќе им биде многу потешко од претходните сезони бидејќи ривалите очигледно веќе немаат респект за никого па ниту за Вардар и Шкендија.