Македонија
7. October 2016 - 16:32

Кој бега од избори? СДСМ ја посочува власта, ВМРО-ДПМНЕ возвраќа: Јавноста е сведок на измислените оправдувања на СДСМ

СДСМ смета дека ВМРО-ДПМНЕ ќе бара одложување на изборите. По два одложени изборни циклуси на барање на опозицијата, од Бихаќка очекуваат на третиот, конечно соочување со граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ преку своите мегафони, продолжува да ја извртува вистината и аргументите кои покажуваат дека токму тие по секоја цена се обидуваат да избегаат од избори. Целокупното делување на ВМРО-ДПМНЕ е во насока за минирање на веќе утврдениот датум за парламентарни избори.
СДСМ останува цврсто на ставот дека мора да има избори на 11 декември. Токму поради тоа раководството на СДСМ е постојано меѓу граѓаните и посветено работи на промоција на Планот за Македонија. На два месеца до избори, ВМРО-ДПМНЕ се уште ги нема отворено ниту своите штабови. За разлика од нив, СДСМ веќе одржа изборен конгрес.“ – стои во писменото соопштение на СДСМ

Аболицираниот криминалец Зоран Заев е до ѕид и знае дека нема шанси да побегне од изборите во декември, враќаат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ
„Целата јавност беше сведок на измислените оправдувања на СДСМ за бегање од избори околу наводните 500.000 фантоми во избирачкиот список и нефункционалноста на АВМУ. Целата јавност беше сведок и дека токму ВМРО-ДПМНЕ инсистираше и инсистира на избори како единствен начин за излез од кризата во која СДСМ ја втурна Република Македонија.
СДСМ ќе мора да излезе на избори на 11-ти декември да се соочи со народот. Аболицираниот криминалец Зоран Заев и СДСМ ќе мора да го видат и доживеат мислењето на граѓаните за двегодишната криза во која што ја втурнаа земјата.“ – стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Категоричен ставот и на пратениците од мнозинството

Изборите на 11 декември се трет термин во 2016 година. Претходните два пропаднаа откако СДСМ сметаше дека не е пречистен избирачкиот список и нема регулација на медиумите.