Македонија
27. November 2020 - 12:41

Коалиционите партнери бараат средба со Заев по интервјуто за БГ НЕС

Либерал демократите на Министерот за локална самоуправа Горан Милевски бараат премиерот Заев да свика средба на коалиционите партнери по контроверзното интервју за бугарски БГ НЕС. Ваква одлука донел извршниот одбор на ЛДП на вчерашната седница.

„ЛДП бара средба на коалиционите партнери за да се разговара за ЕУ перспективите, особено во контекст на ветото од Бугарија и интервјуто на премиерот за БГНЕС“ – стои во партиското соопштение.

Лидерот на Демократскиот Сојуз Павле Трајанов кој е и пратеник во Собранието за Сител вели дека нема да поддржи било каков анекс на веќе потпишаниот договор со Бугарија и се противи на најавата за откажување на Македонија од своето малцинство во Бугарија.
„Нашиот став е јасен. Македонскиот народ и јазик се автентични. За овие прашања никој не може да преговара со соседните држави, вклучувајќи ја и Бугарија. Во соседните држави и секаде во светот каде што живее македонски народ, никој не може да се откаже од нив. Не прифаќаме нов договор, анекс на договорот и други форми на гаранции со кои на било кој начин се доведува во прашање вековното постоење на македонскиот народ и македонскиот јазик ниту пак бугаризација на македонските револуционери.“ – вели во писмена изјава за Сител лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

Вчера со осуда за интервјуто на Заев излезе и поранешната претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска но до овој момент не успеавме да обезбедиме став од нејзината партија која има двајца пратеници во владејчката коалиција.
Став утрово не може да се добие ниту од НСДП кои исто така имаат двајца пратеници во Собранието.

Како и да е, владејчката коалиција ќе мора да ги усогласи ставовите пред гласањето на доверба на Владата во Собранието кое вчера лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски го најави веднаш по истекот на 100те дена од изборот на новата Влада , односно по 9 декември. Како што кажа Мицкоски, барањето за гласање на доверба на Владата опозицијата ќе го пушти во собраниска процедура веќе наредната недела.
Владата и сега има тесно мнозинство од 62 пратеници што значи дека евентуално излегување од коалицијата на некој од коалициските партнери може да го остави кабинетот на Заев без мнозинство во Собранието што ќе го натера да му го врати мандатот на Пендаровски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ Заев веќе го нарекува премиер во заминување обвинувајќи го за пазарење со македонските национални интереси.
„Никој во Македонија нема да му дозволи на Заев, за своите лични интереси и задржување на фотељата да тргува со идентитетот, македонскиот јазик и народ, со историјата. Тој го погази достоинството на Македонците и тоа не само на овие што се денес живи, туку и на илјадниците кои ги положиле животите за Македонија. Со кое право ја негира антифашистичката борба, со кое право ја негира македонската борба во илинденскиот период? Затоа одговорот на народот е жесток и затоа стравот на премиерот во заминување, Зоран Заев, е голем. Народот од него бара прво извинување за навредите кон Македонија, кон народот и историјата, а потоа и оставка“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ во писменото соопштение испратено утрово.

Од СДСМ пак вратија дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ги поткопуваат државните позиции.
„Едно е јасно, граѓаните покажаа дека сакаат иднина, сакаат развој и напредок, сакаат членство во НАТО и ЕУ. Граѓаните знаат што е вистина и кој се бори за македонската иднина, кој го заштити македонскиот идентитет, во најтешките преговори во историјата на земјата, кој ја одведе државата во полноправно членство на НАТО, а кој нема чувство за државен и национален интерес, кој ја држеше земјата 11 години во изолација. Затоа Мицкоски доживеа дебакл на својот протест, затоа беше казнет од граѓаните и затоа уште долго ќе остане во опозиција.“ – велат од СДСМ во писмено соопштение.

Согласно Деловникот, одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, премиерот е должен да поднесе оставка.