Македонија
12. April 2017 - 16:52

Книга за музичкото живеење на Кочани

Во издание на Јавната општинска установа библиотека „Искра“ од Кочани, денеска беше промовиран најновиот истражувачки труд на новинарот и публицист Киро Герасимов. 

Се работи за групата „Доминго росос“ како музичка легенда на Кочани од почетокот на шеесетите години на минатиот век. 
 
- Во книгата се користени документи и сеќавања на членовите на групата, како и пишуван материјал од весници кои тогаш, иако скромно, сепак го одбележале постоењето на „Доминго росос“. Со „Доминго росос“ е поврзан и значаен дел од музичката историја на Кочани, на бројни генерации млади кои низ гитарата и песната на оваа група живееле со децении во Кочани и пошироко во Македонија, истакна Герасимов на промоцијата.
 
Рецензентот Љупка Стојменова, професор по македонски јазик и литература вели дека во овој труд Герасимов не ја бележи само историјата на „Доминго росос“, туку дава и вредна слика за музичкиот живот и случувањата во Кочани и Македонија, потсетува на познатите матинеа, игранки, свечености кои го одбележаа тоа време. - Книгата е воедно и запознавање на младите генерации со една музичка група и нејзиниот придонес во развојот на музиката и музичкиот живот во Кочани, истакнува Стојменова.