Македонија
13. September 2021 - 16:52

Клан објави нон-пејпер за решение на спорот со Бугарија, за Владата официјален е предлогот на Португалија

Има ли нов нон пејпер за решавање на македонско-бугарскиот спор? ТВ Клан објави доверлив документ, кој наводно претставува дел од нон пејпрот каде се нуди решение за спорот меѓу двете соседни држави. Во него како решение за т.н. “Македонски проблем” се предлагаат двојни принципи, шпо ќе им овозможат на двете страни сопствена интерпретација на историските настани.

“ На Република Бугарија ќе и се дадат гаранции за зајакнување на сегашниот концепт за нација-држава, препознавајќи го историскиот контекст на бугарско потекло на граѓаните без исклучок. Тоа ќе го намали стравот на Бугарија на долг рок од загрозување на стабилноста и безбедноста преку правата на малцинствата.
Во Република Северна Македонија, од друга страна, постоечкиот контекст на мултиетничко општество ќе се зајакне преку вклучување на бугарскиот наратив. Се предлага Бугарите да се внесат во Уставот, соодветно како и сите други етнички заедници, Се додава и дека мнозинскиот дел од словенскиот народ, кои себе се идентификуваат како Македонци, и кои сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја”.

Од Владата не го демантираат, ниту го коментираат напишаното во нон пејперот, туку посочуваат дека за нив единствен официјален е само португалскиот предлог.

“За Владата на Северна Македонија официјален е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со ЕУ. Сметаме дека тој предлог овозможува решенија прифатливи за сите страни. Република Северна Македонија останува посветена во процесот, со цел надминување на разликите со Република Бугарија, со што и би се отстраниле пречките за почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Тоа е во интерес на граѓаните на двете држави, а со тоа и на европската агенда. Се надеваме дека колку може поскоро ќе се создадат политички услови во Бугарија за да се отвори можноста за интензивен дијалог меѓу Скопје и Софија за решавање на прашањата кои предизвикаа блокирање на процесот на проширување на ЕУ”, велат од Владата.

Во објавениот документ пишува и дека прашањето на јазикот и употребата на краткото име за Северна Македонија, треба да биде решено според предложеното од претседавачките предлози (Германски, Португалски, Словенечки), кои веќе беа неофицијално земени предвид како прифатливи за двете страни.

Дипломатски извори кои се добро запознати со процесот на разговори со Бугарија, а кои не сакаа да зборуваат јавно, за Сител тврдат дека документот ниту суштински ниту терминолошки не е веродостоен.