Македонија
16. March 2017 - 12:16

Ќе се реконструира улицата „Вера Јоциќ“ во Кратово

Наскоро ќе почнат градежните работи за реконструкција на улицата „Вера Јоциќ“ во Кратово. За оваа намена ќе бидат вложени околу пет милиони денари од буџетот на општината.

Трасата на улицата се протега од клучката со улица „Гоце Делчев“ до кракот пред Градскиот стадион, со вкупна должина од 581 метар.

-Во првата фаза ќе биде опфатено проширување на постоечкиот коловоз, при што стабилноста на новопроектираното решение ќе се обезбеди со потпорна конструкција, армирано – бетонски потпорен ѕид составен од два дела, со вкупна должина од околу 65 метри, информира градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски.

Во втората фаза ќе се изврши гребење на оштетениот асфалт, целосна обнована носечкиот слој и постаување нов асфалтен слој.

- Реконструкцијата на улица „Вера Јоциќ“, како една од најважните сообраќајници во општина Кратово, е од големо значење и ќе ја зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, додаде Андоновски.

Со проектот е предвидено и да се реновира тротоарот на кој ќе се постават бекатон-плочки врз слој од дробен камен.