Македонија
7. јуни 2017 - 16:49

Ќе се прави проценка на штетите од поплавите во тетовско

50тина хектари земјоделско земјиште е оштетено во поплавата во тетовски Порој. Министерот за земјоделие при денешната посета ги повика земјоделците и земјоделските стопанства што поскоро да достават барања за оштета.Жителите се 3 ден без вода за пиење и се жалат оти сите велеле дека се работи а ништо не е подобрено. Двата моста се уништени и се плашат дека најавите за ново невреме  дополнително ќе  ја проблематизира состојбата.

Огромни наноси од кал, дрвја и камења  го блокираа и магистралниот пат Тетово Јажинце. Во посета на овој  регион беше и министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски. Интезивно се работи и на привремен премин преку реката.

И премиерот Зоран Заев вчера беше во Порој каде разговараше со локалните жители околу проблемите кои настанаа по излевањето на реката.

- Како заклучок, донесовме решение веднаш кога комисиите ќе бидат готови со своите записници, да одржиме состанок во Владата со претседателот на Месната заедница кој е денеска овде со нас, со дел од локалното население и општината, за да ги констатираме сите конкретни решенија од делот на исплата и надомест на штетите, од делот на враќање на инфраструктурата повторно во нормала и во делот на план или динамика за реализација на студијата од УНДП, која што општина Тетово ја има аплицирано.

Расчистувањето на теренот со механизација продолжува. Од кризниот штаб на Тетово апелираат да се внимава при движењето во и околу селото поради големите наноси од кал.