Македонија
27. July 2021 - 13:20

Ќе куртулат ли граѓаните од поскапување на парното?

Иако на светските берзи е регистрирано зголемување на цената на гасот од 50 отсто,  кој всушност најмногу учествува во креирање на новата цена, од РКЕ велат дека трендот на раст е во период од три месеци. Според извори на Сител, комисијата не прифатила и дел од барањата на компаниите.

На денешната подготвителна седница РКЕ презентираше што од трошоците на фирмите е прифатено, а што не. 

Балкан Енерџи побарале признавање на трошокот за мазут, но од РКЕ ова барање не го прифатиле со образложение дека компанијата нема искористено мазут во текот на изминатата грејна сезона.

Препораката за топланата Скопје Север е дека има искористеност само 17 проценти од производствениот капацитет и мора да се најде системско решение да се зголеми конзумот.

ЕСМ Енергетика пак побарале признавање на  потрошувачката на гас во текот на ноќта. Сепак за регулаторот ова не е прифатливо, комисијата признава само 15 часа во текот на денот. Од РКЕ констатирале и дека ЕСМ има направено и технички грешки во пресметката на цената на гасот.

Инаку сите три компании побараа зголемување на цената на парното. ЕСМ Енергетика најголемо од 65 отсто, Скопје Север од 16 проценит, а најмало покачување во сметките побарале од БЕГ речиси 2 %.

Во следните два дена ќе продолжи анализата  на забелешките, а веќе во четврток РКЕ ќе ја соопшти новата цена на парното која ќе важи од први август.

Градско парно користат околу 60 илјади домаќинства, најголем дел се  приклучени на мрежата на БЕГ.

 

Ирена Чачкова