Македонија
3. јуни 2023 - 16:41

Ќе има ли лидерска средба, кога и во каков формат?

Лидерската средба на Ковачевски и Мицкоски по повод уставните измени најверојатно ќе се одржат во првите денови од наредната недела, а најдоцна во среда, неофицијално коментираат од власта.  

Официјален термин се уште нема, но нема ни во кој формат е замислена средбата што ја најави премиерот уште пред една недела за две прашања: евроинтеграции и односи со соседите.

Од владејачката СДСМ  сметаат дека најдобро е двајцата лидери на состанокот да дојдат со свои тимови. Од таму велат дека уставните измени се единствениот пат до преговори со Унијата и дека подобро решение нема. 

„Во следниот период треба да ги преземеме сите напори преку парламентарен дијалог да дојдеме до консензус за уставните измени. Опозицијата мора да се аклиматизира на европското поднебје, да се ангажира и самокритично да ги преиспита своите позициии“, коментира министерот за внатрешни работи Спасовски.

Слични пораки и од неговата матична партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, реагираат дека Ковачевски не оди сам на лидерска средба бидејќи тоа не му го дозволува партнерот Ахмети, но и дека раководството на СДСМ нема доверба во него.

Мицкоски претходно, се изјасни дека за него е прифатлива средба: еден на еден, додека пак, тимови на двете партии можат да се сретнат претходно како подготовка на лидерскиот  состанок. За него, клучно е од лидерската средба да произлезе суштински заклучок за државата и граѓаните, а не, како што вели, само да се прави пи-ар и спектакл за јавноста.

Мицкоски и понатаму смета дека избори се најдобро решение за излез од политичката криза. Не коментира дали влада во широк состав е опција по нив, но вели дека добро е по изборите ДУИ да не биде владејчака партија.

Од коалициската ДУИ пак, коментираат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се соочува со пад во личниот рејтинг.

„Христијан Мицкоски се обидува со патетичен национализам, надминат повеќе од две децении, да опстанат на политичката сцена со копирање на поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев во напорите за доведување на ДУИ во опозиција и претставување како квазипатриоти“, пишуваат интегративците.