Македонија
28. October 2018 - 18:50

Ќе доцни сеидбата во Пелагонија

Есенската сеидба во најголемата житница во Македонија, Пелагонија, ќе доцни. Причина е сушниот и топлотен бран кој траеше од јули па досега. Дождот од 10 литри на метар квадратен не беше доволен за да ја пополни влагата во почвата, велат од подрачната единица на Агенцијата за поттик и развој на земјоделието во Битола.

-Од податоците кои ги имаме на терен, во некои предели каде почвата го овозможува тоа, обработката на почвата за есенска сеидба започна, но тоа е многу малку. Станува за одредени реони каде има поровка почва и каде самата квалитетна почва овозможува обработка. Сеидбата ќе биде одложена барем за 15-тина дена со тоа што климатските услови се такви какви што се. Се очекува да има врнежи за полесно да се обработува почвата, вели Зоран Бардаковски, раководител на ПЕ АПРЗ Битола. 

Но не е само почвата, туку и прифаќањето на семенскиот материјал од самата почва.

-Можеби ќе биде потребно и зголемување на седбената норма за околу 10%, пред се зависи од квалитетот на почвата, семенскиот материјал, самата сорта. За да имаме добар принос потребно е растителен склоп на околу 600 растенија на метар квадратен, за очекуван принос од околу 4-5 тони пченица. Сепак се зависи од количината на влагата на почвата и временските услови, рече Бардаковски.

Бардаковски вели дека сеидбата мора да започне затоа што ќе се скрати вегетацијата на самото растение доколку уште повеќе се пролонгира, но тоа ќе донесе и зголемени трошоци.