Бизнис
19. February 2021 - 16:38

Ќе биде ли недела неработен ден и за кого?

Има ли договор во Владата за неработната недела? Иако подолго време тврдат дека преговорите се во финална фаза и измените смао што не се усвоени, решение за неработната недела нема. А од изјавите на министрите станува јасно дека тие имаат различни ставови во однос на тоа кој треба да работи во недела.

Министерот за економија денеска тврди дека трговските центри мора да работат затоа што тоа е важно за туризмот, угостителството и пред се за трговијата, сите сектори за кои е надлежен министерот Бектеши.

Неодамна во едно интервју, министерката Шахпаска која ќе треба да ги потпише измените во Законот за работни односи и решението да го брани пред пратениците пак смета дека трговијата не треба да работи.

„Навиките за пазарување треба да се променат и неважно е дали некој ќе пазарува во сабота или некој друг ден и неработната недела нема да ги загрози работните места“, изјави Шахпаска.

На почетокот на месецов, по еден состанок на министрите, коморите и синдикатите, од кабинетот на вицепремиерот Битиќи кој ги координира сите економски ресори соопштија:

За нормално функционирање на државата факт е дека ќе има можност одредени правни субјекти да работат но само во определени дејности и тоа само оние работодавачи кои ќе можат да покажат дека технолошко-производствените процеси не смеат да се прекинат. Останатите работодавачи нема да смеат да работат. 

Единствено прашање околу кое членовите на Владата имаат договор е тоа дека работна недела мора да се плати. Ова прашање е уредено и со сегашниот закон за работни односи.