Македонија
22. July 2015 - 12:47

Кисела Вода апелира до жителите за превенција од пожари

Општина Кисела Вода апелира до сопственици на дворови, ниви и неизградено градежно земјиште во приватна сопственост да ги уредат, да ги искосат нараснатите тревни површини, израснатите грмушкасти растенија кои претставуваат потенцијална опасност  од пожари имајќи предвид актуелните високи температури. 

Според Општина Кисела Вода високите температури кои се најавени и за периодот што следува, значат зголемена опасност од пожари, па превентивно делување, коe секако подразбира и совесно однесување на секој поединец, жител и сопственик на приватен имот на оваа територија, каде општината нема ингеренции да интервенира, се неопходност.

Покрај косењето на нараснатата вегетација, општина Кисела Вода, потсетува и на другите неопходните мерки за намалување на опасноста од настанување на пожари на отворен простор-да не се пали оган на отворен простор и на необезбедени места, да не се палат стрништа, земјоделски и други површини, да не се фрла стакло, стаклени шишиња и друг стаклен отпад, да не се врши палење на отпад и друг горлив материјал, да не се фрлаат отпушоци од цигари и догорчиња.

Како што информираат од Општината се коси нараснатата тревна вегетација на јавните површини низ сите месни и урбани заедници, каде што има законска надлежност да ги изведува овие активности. Во моментов се уредуваат тревните површини на трим патеката во Кисела Вода, се работи во месната заедница 11 Октомври-бараки, каде веќе се уредени површините околу комплексот игралишта, а активностите продолжуваат до булеварот “Србија”. Во текот на вчерашниот ден отпочна акција за косење и во селото Драчево, каде се работеше на потегот до Три Круши, каде ќе се работи и денес и во текот на утрешниот ден.

Сезонските работници ангажирани од Општината, преку  Секторот за месна самоуправа и соработка со невладин сектор, работат со тримери поделени во неколку групи и ќе ги продолжат своите активности и во сите останати месни и урбани заедници ширум општината, соопштуваат од Општина Кисела Вода.