Балкан
18. April 2022 - 10:46

Кипар од денеска со поедноставни протоколи за патување и олабавување на мерките во внатрешноста

 Република Кипар од денеска ги укинува сертификатите за влез во продавниците и трговските центри, како и мерките за патување, односно задолжителното пополнување електронска форма за лоцирање на патници (Cyprus Flight Pass) непосредно пред патувањето и категоризација на земјите согласно епидемиолошката слика, јави дописничката на МИА од Атина.

Влез на островот е дозволен за сите кои имаат валиден европски сертификат за вакцинација или прележана болест или негативен резултат од ПЦР/рапид тест, а конкретните правила важат и за државјаните на Северна Македонија.

Времетраењето на сертификатите е идентично како и во Европската унија, сертификатот за вакцинација не смее да биде постар од девет месеци по примената втора доза и без ограничувања со примена бустер доза, за прележан Ковид-19 важи 180 дена, а доколку се патува со негативен резултат, ПЦР тестот треба да биде до 72 часа, а рапид тестот до 24 часа пред патувањето.

Туристите кои ги имаат потребните документи, нема да бидат тестирани при пристигнувањето, меѓутоа можно е на аеродромите да се прават тестирања по случаен избор.

Од почетокот на пандемијата, Кипар следеше строги протоколи за туристите, за секоја земја постоеја различни правила за патување, со оглед на тоа дека државите беа поделени во неколку категории во зависност од нивната епидемиолошка ситуација, задолжителен беше електронскиот формулар, а од понеделник, правилата ќе бидат поедноставни и ќе важат за сите.

Во внатрешноста на земјата, од денеска се укинува „Safe Pass“, односно задолжителното покажување сертификат за влез во продавниците, моловите и трговските центри.