Свет
26. May 2017 - 13:01

Кина: Погубен поранешен шеф на полицијата во провинцијата Внатрешна Монголија

Поранешниот шеф на полицијата на кинескиот регион Внатрешна Монголија, Џао Липинг, (65) е погубен заради убиство на својата љубовница, денеска јавија кинеските медиуми.

Во ноември Џао беше прогласен за виновен за убиство, поткупување и поседување оружје и експлозиви, пренесоа француските медиуми.

Кинескиот Врховен суд денеска соопшти дека Џао е погубен, откако судот претходно му ја потврди пресудата, пренесе кинеската агенција Ксинхуа.

Погубувањата во Кина најчесто се изведуваат со смртоносни инјекции или со огнено оружје, но во овој случај не е прецизиран начинот на кој Џао го загуби животот.

Тој беше затворен во 2015 година заради сомнение дека ја убил 28-годишната жена со која имал интимна врска, бидејќи таа сакала да ги открие злоупотребите кои ги вршел, претходно пренесоа кинеските медиуми.