Свет
12. April 2017 - 11:28

Кина ќе и наметне санкции на Северна Кореја доколку таа изведе нов нуклеарен тест

Кина ќе и воведе санкции на Северна Кореја доколку таа изврши нов нуклеарен тест, пренесе ТАСС.

Информацијата е на јужнокорејскиот весник „Чосун илбо“, што го цитира специјалниот кинески претставник за прашањата на Корејскиот Полуостров, Ву Давеј, кој се наоѓа во посета на Јужна Кореја.

- Како средства за дејствување се разгледуваат запирањето на испораките на ГСМ и повеќе други стоки, како и депортирањето на севернокорејските работници од Кина, изјави кинескиот дипломат.

Според податоците на американскиот портал за анализи „38 норт“, чии експерти ги анализираа новите сателитски снимки на нуклеарниот полигон Пунгери, во северниот дел на Северна Кореја, Пјонгјанг се подготвува за нов нуклеарен тест. Забележена е засилена активност во реонот на командниот центар и административните згради, што овозможува да се претпостави дека Северна Кореја продолжува со подготовката за шестото по ред нуклеарно тестирање.

Според експертите, тунелот веќе е подготвен за производство на подземна нуклеарна експлозија, што може да биде спроведена во секој момент, по разместувањето на нуклеарниот материјал и соодветната апаратура.