Свет
29. December 2015 - 9:19

Кери: Иран направи значаен чекор кон исполнување на нуклеарниот договор

Иран постигна значаен напредок кон исполнување на одредбите од нуклеарниот договор, со префрлањето на значителни количества ураниум во странство, изјави американскиот државен секретар Џон Кери.

Изјавата на Кери доаѓа по вчерашното префрлање на повеќе од 11 тони осиромашен ураниум во Русија.

Во јули оваа година, Техеран и меѓународната заедница, претставена од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија, постигнаа договор околу контроверзната иранска нуклеарна програма.

Иранците тврдат дека нивната нуклеарна програма е за мирољубиви цели, додека меѓународнат заедница се сомневаше дека таа му служи на Техеран само како паравен за производство на нуклеарно оружје.

Со постигнатиот договор, иранските власти прифатија да го намалат количеството на осиромашен ураниум, значително да го смалат бројот на расположивите центрифуги што се користат за збогатување на ураниумот, како и да го прекинат производството на плутониум.

Исполнувањето на сите овие одредби од договорот ќе овозможи укинување на меѓународните санкции кон Иран, кои беа воведени поради нуклеарната програма.

Американскиот државен секретар смета дека испраќањето на толку големо количество осиромашен ураниум за Русија, значи дека сега, за трипати се зголемува времето што би му било потребно на Иран за произвдство на гориво за атомска бомба.

Јулскиот договор предвидува Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да го проверува неговото спроведување.

Кога МААЕ ќе потврди дека Иран ги исполнил сите одредби ќе почне укинувањето на меѓународните санкции кон Техеран.