Македонија
5. September 2017 - 9:46

Кавадарци одбележува шеесет и една година од големото свлечиште во Ваташа

Кавадарци денеска одбележува шеесет и една година од големото свлечиште во Ваташа, во кое загинале 11 лица при уривањето на ридот „Градот" кај Моклиште.

Историчарот Петре Камчевски потсетува дека на 5 септември 1956 година во раните утрински часови се случило голено тектонско поместување на земјата, кое предизвикало голема трагедија. Загинале 11 работници од земјоделските задруги во Ваташа, Дреново и Возарци, како и еден случаен минувач од село Долно Бошава. Во оваа несреќа биле затрупани и околу 1.500 до 2.000 овци и неколку грла крупен добиток.

- Веднаш по несреќата била формирана комисија од Државниот секретаријат за внатрешни работи. Членовите до доцна вечерта испитувале како дошло до несреќата и во соопштението кое го доставиле укажале дека несреќата во месноста „Градот“ се случила од природни причини. Од ерозијата на земјата имало формирано една пукнатина длабока околу 100 метри. Геолошкиот состав на теренот овозможил подземните и атмосферски води, што продреле низ пукнатината, да ја пореметат стабилноста на теренот, при што голема маса земја од околу 12 до 15 милиони кубни метри земја се спуштила кон долината на реката Луда Мара, раскажува Камчевски кој е директор на кавадаречкиот музеј. 

Површината на свлечиштето изнесувала околу 1000 метри  во должина и околу 400 метри во широчина.

- Оваа огромна количина на земја ја затворила старата долина на реката Луда Мара и создала природна брана висока 30 до 40 метри. Стручната комисија утврдила дека е невозможно вадењето на затрупаните 11 работници и стадото овци, бидејќи врз нив имало повеќе од 200.000 кубни метри земја, а  немало пригоден пат и било невозможно да се донесе соодветна тешка механизација, вели Камчевски.

Во несреќата имало и неколку повредени, меѓу нив Магда Димова и Лазо Атанасов, кои заедно со нивните деца се враќале од Крњево за Кавадарци.

- Според раскажувањето на Магда, кај месноста Моклишки колиби земјата започнала да пука толку силно, како да се пукало од топови. Тоа траело околу 10 минути, при што таа со децата била носена од земјата која се движела неколку десетици метри. Брат и Лазо успеал некако да и го земе детето, при што го спасил од сигурна смрт. Братот и чичкото на Магда цели два часа со голи раце ја откопувале кутрата жена, пренесува директорот на музејот.

Во групата од девет лица што се движела за Кавадарци бил и Ристо Камчев од Долно Бошава со својата ќерка и Никола  Павлов, постар човек,   кои оделе на пазар во Кавадарци.

- Ристо  сакал да ја извлече својата мазга која била затрупана од земјата, одеднаш го проголтала лавина од земја и било невозможно да се спаси.  За затрупаните овчари, ветеринарниот техничар М. Димитров и Ѓошо Бојаџиев, Никола Павлов раскажува дека можеле да куртулат ако оделе дваесетина метри погоре од местото на одронот. Повредените биле пренесени во градската болница во Кавадарци, додава Камчевски.

Очевидец на настанот кај „Градот“ бил и Перо Хаџиев од Ваташа, кој заедно со брат му Душан береле круши за на пазар во Кавадарци.

- Откако брат му со товарот заминал, тој ги спрегнал воловите и започнал да ора на нивата. Некаде околу 5,30 часот започнал страшен пукот и земјата почнала да го влече заедно со воловите цели стотина метри. Само чудо го спасило од сигурна смрт. Тој раскажува дека говедата не сакале да се движат и биле многу нервозни, насетувајќи дека нешто страшно ќе се случи, вели историчарот. 

Уште наредниот ден местото на несреќата го посетиле високи функционери, изразувајќи подготвеност да помогнат во санирање на последиците од несреќата.